Ова е едноставен рецепт и секој може да го приготви. Евтина пита која можете да ја филувате со што сакате, а доколку постите највкусна е со праз. Масло не ви е потребно за оваа пита, освен малку за запржување на празот и малку за премачкување на корите. Доколку сте љубител на месени работи, оваа пита ќе ви биде многу вкусна. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за две пити во тепсија бр.36): 600 г брашно, 1 лажичка сол, 1 кесичка сув квасец (10 г) или 20 г свеж квасец (1/2 коцка), 250 мл млака вода. ЗА ФИЛ: 1-2 големи страка праз (опционо, па и количината е произволна), 1 лажичка сол, 1 лажичка црвен пипер, малку масло




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го брашното, додајте го сувиот квасец и солта, па промешајте со лажица за да се распоредат состојките рамномерно. Потоа започнете постепено да ја додавате млака вода и замесете со рака.




Доколку користите свеж квасец, тој обично треба да се активира за да се провери дали е исправен. Во тој случај, изронете го во помал сад, додајте прстофат шеќер, една лажичка брашно и малку топла вода колку да се раствори, па оставете 10-тина минути на топло. Понатаму постапката е иста како и со сувиот квасец.




Откако ќе го замесите тестото (тоа треба да биде меко и сосем малку лепливо), оставете го во чист сад и покријте го со вакуумски капак, или пак покријте го со проѕирна-стреч фолија и оставете го на топло место да стасува околу еден час додека убаво да го удвои својот волумен.




Додека стасува тестото подгответе го филот: Празот убаво исчистете го и измијте го, па ситно исечкјате го. Ставете го во тава, прелијте го со малку масло, посолете го и зачинете го со малку црвен пипер, па динстајте го 10-тина минути додека да омекне. Оставете да се олади и поделете го на два дела, за двете пити.




Стасаното тесто истресете го врз набрашнета површина, лесно формирајте векна за полесно да го поделите на два еднакви делови. Секој дел потоа поделете го на еден помал (1/3) и еден поголем (2/3) дел. На тој начин ќе добиете две помали и две поголеми топчиња.




На лесно набрашнета работна површина развлечете едно помало топче тесто во тенка кора со големина од една широка чинија, па преку целата површина премачкјате го со масло. Потоа преклопете ја на половина. Истото повторете го и со второто помало топче.




Потоа земете едно поголемо топче и развлечете го со оклагија во тенка кора со големина на тепсијата во која ќе се пече бр. 36. Тепсијата тенко премачкјате ја со масло, со помош на кујнска четка, па на дното поставете ја првата голема кора. Постапката повторете ја и со втората голема кора.




Врз корите распоредете го рамномерно филот од праз, а одозгора покријте со втората, помала кора, која треба малку во воздух да се растегне со прстите. Секоја од питите ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 250 степени околу 20 минути или додека убаво да зармени одозгора.