Рецепт и видео презентација на Сара од Мои Домашни Рецепти – Тајна состојка за совршени палачинки. За да го приготвите тестото за овие палачинки, ќе ви бидат потребни следните состојки: 2 јајца, 400 мл вода, 400 мл млеко, 50 мл масло, 1/2 лажица сол и 350 г брашно.
Во подлабок сад во кој ќе ја приготвувате смесата, скршете две јајца кои претходно отстојале на собна температура и додадете 400 милилитри млеко (да не е ладно од фрижидер). Во смесата додадете и 400 мл вода, 50 мл масло и една лажичка сол. Промешајте.
Смесата е најдобро во почетокот да се мати со жица маталка за да се соединат сите течни состојки пред да им се додадете брашното. Кога убаво ќе се изедначи смесата, започнете со постепено додавање на брашното. на овој начин се одбегнуваат создавање на грутчиња.
Ставете го целото брашно и доколку сакате, матењето можете да го продолжите со електричен миксер, но нема потреба, сосем добро се соединува и со маталка. На крај треба да добиете смеса со густина слична на онаа на јогуртот. Оставете ја смесата да одмори 10-тина минути.
За тоа време, на рингла загрејте нелеплива тава (или специјална за палачинки) и пребришете ја површината со книжна салветка малку натопена во масло. Со кутлача излевајте од смесата и со движења под агол распоредете ја на сите страни преку целата површина.
За да ви оди побрзо целата постапка, палачинките печете ги во две тави (доколку имате) одеднаш, наизменично. Кога палачинката ќе започне да се одлепува од ѕидовите на тавата, превртете ја на другата страна и печете уште неколку минутки, малку пократко од претходната страна.
Готовите палачинки редете ги во чинија една врз друга. на тој начин од сопствената влага и топлина дополнително ќе омекнат. Овие палачинки можете да ги послужите во солена или слатка варијанта, секако се вкусни. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ (Фаворитниот на читателите на НМД) – Најдоброто тесто и рецепт за палачинки кои досега сум ги пробала: иде сè по 4 од состојките што е многу интересно. Овие палачинки се многу фини и меки и не се нималку масни ниту гумени кога ќе се гризнат, а можете да ги филувате по желба, сите вкусови добро им стојат…
Потребни состојки: 4 јајца, 400 г брашно, 400 мл млеко, 400 мл газирана вода, 4 лажици масло, малку сол и 1 ванилин шеќер. Постапка: Јајцата изматете ги со жица, па додадете половина брашно и млеко, па сето добро соединете го.
Потоа додадете ја втората половина од брашното и млекото, малку сол, ванилин шеќер и масло, па соединете да нема грутчиња. На крај додадете ја газираната вода и добро промешајте да се изедначи и стане мазна. Смесата оставете ја еден час да одмори во фрижидер.
За тоа време убаво ќе се спојат состојките и подобро ќе се пече тестото, а палачинките од прва до последна ќе бидат исти по дебелина. Тавчето за палачинки намастете го со малку масло и добро загрејте го, а потоа излејте една кутлача од смесата во него.
Брзо и рамомерно разлејте на сите страни и печете неколку секунди од едната страна, па превртете и на другата страна, печете исто толку или пократко. Печените палачинки редете ги една врз друга, најгорната поклопете ја со со втората превртена на чинијата и филувајте по желба./Coolinarika.com
Ќе бидете восхитени од вкусот! Коментар на Лидија Влахова: ”6 јајца, 400 г брашно, 200 мл обична вода, 6 лажици масло и 600 мл млеко. Ова е мојот рецепт за двојна доза, а ако сакате вие преполовете ја количината”.
III ПРЕДЛОГ РЕЦЕПТ – Палачинки потпечени со лукче. Фотографија и рецепт: Анета Стојческа Каранфиловска. Потребни состојки: 15-20 палачинки или повеќе по потреба, приготвени од брашно, вода и 1 лажичка сол.
За прелив: 1 главица лук, може и повеќе, 250 мл врела вода, 150-200 мл масло, сол по вкус. Постапка: Се печат палачинките вообичаено во тавче за палачинки или питуличарка. Лукот се чисти па се толчи со сол и се меша прво со масло, па се потура со врела вода. Секоја палачинка се потопува или се напрскува со преливот од лук.
Палачинките се редат една врз друга, се сечат на тријаголници и се прелеваат со остатокот од течноста која останала и се ставаат во рерна да се потпечат околу 30 минути или колку да заруменат. Помеѓу палачинките можете да ги наросувате и со мелени ореви.