Ова е омиленото макало кое може да се послужи самостојно или како прилог со главното јадење. Кога ќе почнете да го јадете, нема застанување… Толку многу е вкусно! Фотографија и рецепт на Снежана Бошкова.

Потребни состојки: 20-тина зелени пиперки (може неколку лути пиперки, по желба), 10- тина чешниња лук, 3-4 црвени домати, *може и 1-2 модри патлиџани, магдонос по желба, масло за јадење и сол по вкус

Постапка: најпрво измијте ги пиперките, избришете ги и испечете ги убаво од сите страни. Печените пиперки ставајте ги во кеса и оставете ги така да изладат. Потоа излупете ги и извадете им ги семките.

Исто како пиперките, така и доматите запечете ги на оган. Лукчето убаво излупете го, исечкајте го ситно, посолете го и убаво истолчете го. Пиперките исечете ги на помали парчиња, па и нив постепено додавајте ги во лукот и толчете ги.

Т’лчен пинџур (фото и рецепт: Снежана Бошкова)

Толчете ритмично и еднакво за да спојат вкусовите. Потоа додавајте ги исечените домати, па заедно убаво промешајте. Посолете по вкус.

Т’лчен пинџур (фото и рецепт: Снежана Бошкова)

На оган ставете малку масло да се загрее. Кога маслото ќе почне да зоврива, попарете го одозгора пинџурот и убаво промешајте. Оставете некоја минута убаво да се впие маслото и да се соединат вкусовите. Послужете со ситно сечкан магдонос. Фотографија и рецепт на Снежана Бошкова

Т’лчен пинџур (фото и рецепт: Снежана Бошкова)

ВАШИ КОМЕНТАРИ:

Коментар на Панче Иванов: „Може да се користи како салата, а може како јадење со домашно сирење. Може да се додаде и модар патлиџан, се разбира печен, па пинџурот ќе добие уште повеќе на вкус. Пријатно.“

Т’лчен пинџур (фото и рецепт: Снежана Бошкова)

Коментар на Живка Ангеловска: „Три килограми зелен пипер, лут или благ, два килограми црвен домат и два-три модри патлиџани, зависи од големината.

Т’лчен пинџур (фото и рецепт: Снежана Бошкова)

Сè се пече, малку се исцедува во цедалка, па се ситни и се става во сад за толчење, каде претходно е истолчен лук по желба заедно со сол. Убаво се толчи целата смеса. Се загрева маслото и се прелива смесата, се промешува и се остава малку да отстои. Пријатно.“

Прилепско мераклиско МАКАЛО со лути пиперки, ореви и лукче / Фотографија и рецепт на Биљана Николовски

Потребни состојки: 10-15 лути пиперки или мешани, 50 г ореви, 1 главица лук (или по желба)

Постапка: испечете пиперки по желба, можете и да и ги измешате со нелути во зависност од тоа колку луто сакате да биде макалото. Откако ќе остојат малку во најлон ќеса, излупете ги и исчистете ги од семките.

Прилепско мераклиско макало – Фотографија и рецепт на Биљана Николовски

Оревите ставете ги во сад за толчење заедно со лукчињата. Откако ќе ги истолчите, додајте ги и пиперките, па и нив малку истолчете ги. Додајте масло, киселина и сол по вкус. На крај се попарува со врела вода.

Прилепско мераклиско макало – Фотографија и рецепт на Биљана Николовски

Популарно луто макало со везени пиперки, зелени домати и компири / Фотографија и рецепт на Анита Стојановска

Потребни состојки: 3 зелени домати, 4 везени пиперки лути, 3-4 компири, 3-4 чешниња лукче, сол и масло по вкус

Постапка: ова е доста популарно макало во Македонија а се приготвува од зелени домати кои потешко се наоѓаат во продажба. Може да се купат од некој кој одгледува домати под фолија.

Три домати, четири пиперки лути и три до четири компири се варат 30 минути. Потоа се чистат и се толчат со лукче. Се посолува по вкус па се прелева со врело масло. Супер е за мезе, за предјадење со сиренце и маслинки или како прилог на главно јадење.

Луто макало – Фотографија и рецепт на Анита Стојановска

Традиционално македонско макало / Фотографија и рецепт на Славица Георге

Потребни состојки: 10 пиперки, 1 печена лута пиперка, 2 црвени домати, 5 гранчиња магдонос, 5-6 чешниња лук, масло по потреба, сол

Постапка: пиперките убаво измијте ги, избришете ги па испечете ги. Во сад за толчење ставете го лукот, посолете и истолчете го. Печените пиперки исечкајте ги на парчиња, а потоа додајте ги во садот со лукот. Заедно истолчете ги.

Традиционално македонско макало – Фотографија и рецепт на Славица Георге

Доматите измијте ги, излупете ги по желба, па исечкајте ги, па и нив лесно истолчете ги. Додајте ги во садот. Додајте сечкан магдонос, измешајте. Додајте сол по вкус и масло кое може да биде ладно или загреано.

Традиционално македонско макало – Фотографија и рецепт на Славица Георге

Традиционално макало. Ова е традиционално макало од нашето поднебје, а ретко може да се најде и во некој од рестораните.​

Потребни состојки: 1 главица лук, ½ мала лажичка сол, 3 супени лажици масло, 3 супени лажици топла вода, 200 мл ладна вода, 2 лажици киселина, 2-3 лути пиперчиња (сирови или печени)

Постапка: исчистеното лукче се посолува и се толчи во аван се додека да се претвори во каша. Потоа се додава лажица по лажица масло, а притоа постојано се толчи со дрвениот толчник.

Се додава топла вода, се промешува и се добива белузлава течност. Се додава ладната вода и оцетот. На крајот се додаваат сечканите лути пиперчиња. Количините се произволни.