Празниците се ближат и време е да размислите како ќе изгледа вашата празнична трпеза. Она што сигурно ќе го има на трпезата се печено месо и руска салата, а можете да ја послужите и оваа фантастична празнична салата со зелка и пилешко. Зелката најмногу се јаде во зима, а салатата со овој зеленчук е исклучително освежителна.




Додајте уште неколку состојки кои на сите им се омилени и не се премногу скапи, па направете вкусно предјадење. Еднаш штом ја направите оваа салата, сите ќе ви бараат рецепт. Еве што ви е потребно за да ја подготвите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г зелка или марула, 3-4 јајца, 400 г пилешко филе, 3-4 компири, 1  главица кромид, мајонез по потреба. ЗА МАРИНАДАТА НА КРОМИДОТ: 1/2 лажичка сол, 1-2 лажици шеќер, 2 супени лажици оцет, 150 мл топла вода.




ПОСТАПКА: Најпрво сварете ги компирите на вообичаен начин во зовриена вода со малку сол. Доколку користите млади компири, може да ги подготвувате сосе лушпата, а во спротивно, прво излупете ги, па потоа сварете ги. Кога компирите ќе омекнат, процедете ги од водата и оставете малку да се оладат.




Младите компири вообичаено се помали, па во тој случај, ставете 4-5 компири, ако компирите се поголеми сварете 3. Сварете го белото месо, додека да омекне, а во посебно тенџере подгответе ги и јајцата. Кога јајцата ќе се оладат, излупете ги, а месото раздвојте го на помали парчиња и исечете го многу ситно.




Додека состојките се ладат, излупете и исечкајте го кромидот на ситни коцки, па префрлете го во подлабок сад со вода. Додајте 1/2 лажичка сол, 1-2 лажици шеќер, 2 лажици оцет и 150 мл топла вода. Малку промешајте, па оставете кромидот да се маринира околу 40-50 минути.




За ова време, кромидот ќе поприми од киселкавиот вкус на оцетот и ќе добие соодветна блажина од шеќерот. Затоа во многу рецепти во рестораните кога јадете кромид, не го чувсвувате оној препознатлив вкус на кромид, кој останува со часови.




Компирите изрендајте ги, па подгответе една рамна, поголема чинија каде што ќе ја послужувате салатата. Како основа, наредете ги подеднакво ренданите компири. Одозгора премачкајте со малку мајонез, додавате по вкус, па наредете го процедениот кромид.




Потоа ставете го сечканото пилешко и повторно премачкајте со мајонез, за да остане сочно и хидрирано. По желба, претходно можете пилешкото да го посолите малку. Како последен слој наредете ги ренданите варени јајца. Премачкајте со мајонез, па на крајот наредете со сечкана зелка или марула на коцки (како на сликата).

Ако користите зелка, таа треба да биде мека и од неа да ги користите само меките листови, или пак, ако е потврда, да биде ситно изрендана. Формирајте полутопка која ќе ги покрие сите останати слоеви.

Салатата може да ја ставите во фрижидер да се олади околу 1-2 часа за да се стегне добро и да се измешаат вкуспвите, па потоа да ја послужите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.