Сусамките се секогаш добредојдени на сите трпези поради нивниот вкус кој е неспоредлив со сите други видови на печива. Домаќинките особено ги сакаат поради тоа што може да се послужат како предјадење или грицки. За дечињата се одлични бидејќи ги јадат во неколку залаци.




Покрај тоа, овие печива се здрави и колку од нив да изедете, не чувствувате вина. Следниот рецепт за тесто е специјален поради тоа што не ви треба квасец, ниту јајца, а сепак печивата излегуваат меки и воздушести. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г брашно, 4-5 грама сол (1 мала лажица), 140 мл вода (во оригиналниот рецепт стои 150 мл), 20 г путер + 125 г путер или специјален маргарин за замесување на лиснатото тесто, 1 жолчка за премачкување и сусам за наросување. Брашното за посипување при развлекувањето.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад каде што ќе го замесите тестото ставете го брашното, додајте ја солта и 20 г омекнат путер. Измешајте ги состојките со рака додека путерот зрнесто да се налепи на брашното, па постепено започнете да ја додавате водата. Месете додека да добиете средно меко тесто.




Тестото не треба да се лепи под прстите за што е потребно да го месите подолго време, приближно 6-7 минути за да добие еластичност. На крајот додајте ги останатите 125 г путер исечкан најситно и омекнат на собна температура и повторно домесете додека целиот путер да се апсорбира во тестото.




Овојпат тестото ќе биде доста масно од путерот, па поради тоа треба да го завиткате во кеса или пластична-стреч фолија и да го оставите во фрижидер да отстои 30-60 минути за да се стегне и да може да се работи со него. Потоа, префрлете го на работна набрашнета површина и започнете со развлекување.




Развлекувањето се повторува трипати: го развлекувате тестото во тенок правоаголник (како на сликата) и по потреба наросувате со брашно. Потоа, го преклопувате тестото од едната страна до половина и од другата страна до половина, па ги преклопувате и двете страни како да диплите.




Развлекувањето и двојното диплење повторете ги двапати, а третиот пат здиплете го само единечно (погледни видео, но како и да го здиплите нема да погрешите). Потоа можете веднаш да го печете тестото или да го ставите во замрзнувач, завиткано во фолија, ако ви треба за подоцна. Ако тестото сте го замрзнале, треба да отстои минимум 1 час на собна температура, пред да работите со него и да го печете.




Развлечете го тестото по четврти пат и поделете го на 3 или 4 коцки. Од секоја коцка сечете правоаголни ленти, со дебелина од 2-3 прсти. Вака подготвените ленти редете ги на плех, обложен со хартија за печење. Ако сакате печивата да бидат разновидни, направете и коцки, така што лентите ќе ги сечете на два или трипати.

Печивата премачкајте ги со жолчка од јајце и наросете ги со сусам, пред да ги ставите на печење. Вклучете ја рерната да се загрее на највисока температура, па печивата печете ги 15-тина минути. Потоа намалете ја температурата на 150 степени и допечете уште 20-30 минути, во зависност од рерната. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.