I РЕЦЕПТ Брза плазма торта со капри вкус, за 15 минути е готова
Доколку ви се најават гости а вие немате ништо слатко за да ги послужите, тогаш оваа торта е идеална. Ќе им се допадне на сите, многу лесно се приготвува, има вкус на капри сладолед и многу е освежителна. / Рецепт и видео презентација на Наша Мала Кујна.
Потребни состојки: 500 мл слатка павлака, 400 мл кисела павлака, 200 г шеќер, 80 г плазма кекси + млеко за натопување, 120 г мелена плазма, 100 г искршени плазма кекси, 2 кесички шлаг, 1 кесичка желатин со 10 мл вода, 500 г јагоди, 150 г шумско овошје, рендано чоколадо за декорација (калап за торти 28 см)
Постапка: плазма кексите убаво натопете ги во млеко и наредете ги како основа на тортата, во калап со обрач 28 см. Пополнете ги и празнините со кршени кекси. Обрачот обложете го со фолија.
Желатинот натопете го во вода според упатството и оставете го да набубри. Киселата павлака изматете ја со 200 г кристален шеќер (кој сака може да употреби шеќер во прав), додека добро да се растопи шеќерот.
Набубрениот желатин растопете го на пареа, па додајте го во изматената кисела павлака. Смрзнатите јагоди ситно исечкајте ги. Посебно изматете ја слатката павлака, па соединете ја со киселата павлака.
Добиената смеса поделете ја на два еднакви делови. Во првиот дел додајте 120 г мелени кекси и промешајте за да се изедначи, па додајте и 100 г кршени кекси. Мешајте со лажица или шпатула. Оваа смеса нанесете ја врз слојот од бисквити.
Сечканите јагоди и шумското овошје додајте ги во втората половина од кремот и промешајте со лажица за да се изедначи. Рамномерно распоредете врз кремот со кекси и израмнете. Оваа количина треба точно да дојде до врвот на обрачот.
Тортата оставете ја во фрижидер убаво да се стегне, најдобро преку ноќ. Следниот ден извадете го обрачот, па декорирајте со 2 изматени шлаг креми според упатството на кесичките. Одозгора изрендајте чоколадо. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ Брза плазма – страчатела торта, лесна за правење, лесна за јадење!
Плазма – страчатела торта е една вистинска лесна торта, како за приготвување, така и по вкус. Може да изедете едно убаво, големо парче и нема да ви се слоши. Се приготвува многу едноставно.
Не грижете се за желатинот (за оние кои првпат се среќаваат или претходно имале лошо искуство), само следете го упатството и нема да промашите. Се приготвува навистина брзо, но потребно е на повеќе наврати да се лади тортата, па не е од оние торти кои се прават половина час пред да ви дојдат гости.
Потребни состојки: 1 литар млеко, 200 мл вода, 3 кесички говедски желатин во гранули, 200 г шеќер кристал, 500 мл слатка павлака, 300 г плазма бисквити цели парчиња, 100 г млечно чоколадо и 100 г бело чоколадо или по избор (јас користев еуроблок и вкусот беше одличен)
Постапка: во еден сад измешајте ги млекото и водата, одземете 100-150 мл течност во друг сад. Остатокот ставете го на оган, додајте шеќер и оставете да проврие. Во помалиот сад со одземената течност ставете го желатинот и оставете го да набубри и да се стегне.
Кога млекото ќе проврие и желатинот зацврсти, тргнете го од оган, па земете 100 мл врело млеко и додајте го во желатинот. Убаво промешајте за да се растопат гранулите. Кога убаво ќе се изедначи, желатинот полека истурете го во млекото и шеќерот. Добро промешајте и оставете да излади до собна температура, а потоа ставете го во фрижидер околу еден час или два, зависи колку време имате на располагање.
Кога смесата во фрижидер убаво се стегнала извадете ја. Во еден голем сад (навистина поголем сад) изматете 400 мл слатка павлака како шлаг, па додајте го стегнатот желатин и повторно изматете за да се соединат.
Добиениот крем поделете го на два дела: во едниот дел додајте рендано или ситно сечкано чоколадо, и бело и млечно, а во вториот дел само кршени бисквити. Убаво промешајте.
Во калап 25-28 см обложен со проѕирна фолија или со кеса чии краеви излегуваат надвор, ставете го прво делот со бисквити, па чоколадниот дел. Прекријте со фолија и оставете ја тортата во фрижидер да отстои преку цела ноќ.
Следниот ден свртете ја на тацна, тргнете ја кесата и повторно свртете ја на друга тацна. Декорирајте по желба со преостанатите 100 мл слатка павлака и малку рендано чоколадо одозгора.