Овој домашен сладолед го правеше мајка ми кога бевме деца и многу се израдував кога го најдов рецептот. Овој вкус не се заборава!

Потребни состојки:

1 литар млеко
8 жолчки
400 г шеќер
1 стапче од ванила

Постапка:

Еден литар млеко ставете на оган додека да зоврие. За тоа време изматете ги жолчките со 400 г шеќер и со ванила. Врелото млеко тргнете го од оган, па постепено додавајте ги изматените жолчки.

Мора постојано да се меша за да не дојде до варење на жолчките. Со текот на времето научив трик: со кутлача од врелото млеко додавам во жолчките и мешам за да се стоплат, така една-две кутлачи млеко, па потоа полека ги враќам во врелото млеко.

Се вари и се меша додека да згусне. Готовиот крем се трга и се остава да излади. За да го забрзате ладењето, садот можете да го ставите во поголем сад исполнет со ладна вода. Покријте со проѕирна фолија или мешајте повремено за да не фати коричка.

Изладениот крем разлијте го во плиток сад и ставете го во замрзнувач. По еден час, кога кремот е до половина замрзнат, вратете го во садот за матење и добро изматете го. Повторно вратете го во замрзнувач додека целосно да замрзне. Постапката можете да ја повторите двапати.

Ако го сакате вкусот на чоколадо, во кремот додадете 100 г чоколадо додека е се’ уште топол, па по истата постапка замрзнете.

домашен сладолед