Овој омилен гриз колач со ореви го правам многу често. Рецептот го немам ни запишано бидејќи е многу лесен за памтење, штом еднаш го прочитате ќе го знаете на памет како песна. Потребна ќе ви биде една лажица и една чаша за да го направите.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 6 лажици шеќер, 12 лажици масло, 12 лажици млеко, 12 лажици гриз, 12 лажици брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво, 12 лажици мелени ореви, 2-3 лажици сечкани ореви за наросување по желба.
За преливот ќе ви биде потребна една чаша од 200 мл и овие состојки: 2 чаши шеќер, 2 чаши вода, малку лимон и 1 кесичка ванилин шеќер по желба. ПОСТАПКА: Во еден сад скршете ги двете јајца, додајте го шеќерот и изматете со миксер додека шеќерот почне да се растопува.
Кога смесата ќе стане светла и еднолична, додајте го маслото и млекото. Потоа додајте го гризот, брашното измешано со прашокот за печиво и уште малку изматете со миксерот. Смесата ќе стане погуста и тогаш додајте ги мелените ореви.
Продолжете да мешате со шпатула додека да се изедначат оревите во целата смеса која сега ќе стане уште погуста. Во еден плех со димензии 26х22 см или со слична големина малку намастете го со кујнска четка и набрашнете го по дното и страните.
Излејте ја целата смеса од колачот и добро распоредете за да се испече насекаде подеднакво. Исто така кога ќе ја измазните смесата, плехот малку протресете го од масата за да се ослободат вишокот меурчиња со воздух од смесата.
Одозгора наросете 2-3 лажици ситно сечкани ореви по желба и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 190 степени околу 20-25 минути во зависност од јачината на вашата рерна. По печењето извадете го колачот од рерна и оставете маллу да се олади.
Во меѓувреме направете го преливот: во еден сад измешајте го шеќерот и водата. Ставете го садот на рингла и гответе на умерена температура 3-4 минути по зовривање на водата. Додајте и сечкани лимони на прстени. Потоа оставете преливот да се излади.
Оладениот колач исечете го на коцки со дебелина по ваша желба и потоа прелијте го со оладениот прелив во кој сте додале една кесичка ванилин шеќер по желба. Прелијте го колачот и оставете го малку да го впие сирупот, неколку часа. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.