Малиџаното или како што го нарекуваат „Бел ајвар“ или „Зелен ајвар“ е традиционален македонски намаз кој се приготвува од долгнавезсти зелени пиперки, познати како „банана пиперки“ или „рог-пиперки“.
Во овој намаз се додаваат и модри патлиџани, но она што на овој „ајвар“ му дава посебен вкус, е всушност додатокот од сенф…предобар вкус кој секој треба да го испроба. Обично се послужува како намаз на леб со ситно сирење одозгора, но може да се послужи како салата или прилог на некое јадење. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 кг зелени меснати пиперки, 4 кг модар патлиџан, 1 помала главица лук, 1-2 супени лажици шеќер, 2-3 супени лажици сол или по вкус, 100-150 мл бел оцет 9% (по вкус), 100 г сенф (кој сака може лут или пикантно лут), 700 мл масло за готвење
ПОСТАПКА: Исто како и за црвениот ајвар, пиперките и модрите патлиџани добро измијте ги со ладна вода, исцедете и избришете ги со кујнска крпа. Потоа испечете ги убаво од сите страни и оставете ги затворени во кеса или тенџере под капак да се подизладат за да можете полесно да ги излупите.
Излупете ги пиперките од лушпата и исчистете ги од семето и оставете ги на цедалка. Исто така, излупете го и модриот патлиџан. Потоа сомелете ги на рачна или електрична машина. Во големо и широко тенџере ставете 700 мл масло за готвење, добро да се загрее.
Во загреаното масло истурете ги мелените пиперки и веднаш промешајте. Додајте го и мелениот модар патлиџан. Добро промешајте и продолжете со пржењето на умерена температура со непрекинато мешање за да не загори.
Некаде на половина готвење, после приближно еден час додајте мелен или ситно сечкан лук, промешајте, па додајте една до две супени лажици шеќер, 100-150 мл бел оцет (по вкус) и 2,5 лажици сол (по вкус) и 100 г сенф. Може да ставите лут сенф за да добиете пикантна нота на малиџаното.
Ајварот е готов за приближно два часа пржење, а ќе забележите кога лажицата на дното ќе започне да остава бела трага, а кога ќе црпнете паѓа во целина како грутка. Внимавајте да не го препржите малиџаното, бидејќи ќе ја изгуби сочноста.
Врелата смеса полнете ја топли стерилизирани тегли и затворајте ги со чисти капаци, пребришани со алкоxол. Оставете ги теглите покриени со ќебе и оставете да се оладат.
Ако полнете во ладни тегли, тогаш во секоја ставете неколку лажици од топлата смеса и оставете неколку минути да се згреат, па потоа дополнете ги со топлиот ајвар и веднаш затворете ги со капаците. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.