Погача со сирење ем вкусна ем убава, на сите им успева. Превкусна, декоративна, ќе уживате и во правење и во јадење…Нема ништо поубаво од топла, мека и вкусна погача од која целиот дом се исполнува со неодолив мирис. Еве што ви е потребно за да ја направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг брашно, 2 јајца, 1 лажица шеќер, 1 лажица сол, 100 мл масло, 2 кесички квасец (сув), 500 мл мешавина од млеко и вода (50:50). За фил- измешајте ги сите состојки: 300 г сирење+павлака (за да може да се размачкува), 1 белка, малку сол
ПОСТАПКА: Прво ставете го квасецот во малку млако млеко со лажица шеќер, лажица брашно, па промешајте и оставете да се активира. Во брашното додајте лажица сол, јајце (на собна температура, квасец, масло, остатокот од 500 мл млака течност (половина млеко, половина вода).
Замесете го тестото со рака додека сите состојки да се поврзат. Тестото е меко, но не се лепи на рака. Покријте го со проѕирна фолија и оставете го во садот на топло место (да нема провев) да стасува додека убаво да ја удвои големината.
Кога тестото е стасано, префрлете го на малку набрашнета работна површина и со рацете формирајте валјак за да можете полесно од него да извадите 28 топчиња. Топчињата треба приближно да бидат еднакви по големина.
Формираните топчиња покријте ги за да не се сушат и оставете ги малку да одморат (околу 20 мин). Потоа, од 27 топчиња со помош на оклагија развлечете овални долги кори и виткајте ги како пекарски кифли.
Во секоја кифла ставете по малку од приготвениот фил со сирење. Завиткајте ја кифлата и пресечете ја на половина, но накосо. На овој начин ќе добиете декоративни конусни кифлички.
Јас ги редев во тепсија бр.30, обложена со хартија за печење. Во првиот ред се редат 22 половинки, а пресечениот дел оди однадвор, покрај самиот раб на тепсијата. Вториот дел го редиме исто, 18 половинки, пресечениот дел се реди околу, но малку кон средината на кругот го наведнуваме.
Во центарот се става тоа едно топче кое останува и на крај ги редиме преостанатите 14 половинки околу кругот, лесно ги редиме за да се сочува формата. Се остава уште малку да стаса колку да нарасне и да ферментира, се прекрива со проѕирна фолија околу 20 минути да отстои на топло.
Се премачкува со жолчка и се наросува со сусам, ленено семе (колку што сакате, а може и со други семки). Се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 40 минути, во зависност од рерната.
Ставете алуминиумска фолија одозгора кога ќе порумени (за да не потемне премногу, а внатре да остане недопечена). Кога е печена премачкајте ја со масло или растопен путер и можете да ја служите топла.