Оваа штрудла со месо ја правам во деновите кога сум до доцна на работа. Дечињата и сопругот ја обожаваат, а рецептот го најдов кај Сања Радосавлевиќ од Кујната на Аурора. Рецептот е многу лесен и едноставен, а штрудлата излегува многу сочна.




Интересно е тоа што за филот може да си додавате состојки по вкус. Ние сме испробале повеќе варијанти, но со мелено месо, каков што е всушност овој рецепт е највкусно. Штрудлата може да се прави и без месо, а Сања потсетува дека освен мелено месо може да ставите ситно сечкано пилешко или свинско месо.




Други варијанти: праз и сирење, шунка и кашкавал, мелено месо со кечап, мелено месо со праз, кашкавал, павлака и шунка, пиперки со месо по вкус, печурки и месо, маслинки, павлака и кашкавал итн…




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: едно пакување готови кори (500 г), 300 г праз или 2-3 главици кромид, 500 г мелено говедско или телешко месо, 1 лажичка црн пипер, 1 лажичка сол, малку магдонос. За филот за премачкување: 4 јајца, 150 мл јогурт, 100 мл масло, 150 г гриз, 1 кесичка прашок за печиво (14 г), сусам или ленено семе за наросување.




ПОСТАПКА: Најпрво се подготвува филот кој треба да се олади пред да го филувате на корите. Празот измијте го под млаз ладна вода, исушете го и исечкајте го на ситни кругови или коцки. Наместо праз може да ставите и 2-3 главици кромид, кои треба да бидат ситно исечкани, или да измешате.




Празот или кромидот се ставаат во тавче на загреано масло, на средна температура и се остава убаво да се запржи со повремено мешање, додека празот да се испржи, односно кромидот да застакли. Потоа додајте го меленото месо, мешано или чисто јунешко или телешко и пржете додека да фати убава коричка и да испарат течностите од него.




Зачинете го месото со црн пипер и сол по вкус и убаво измешајте. Кога ќе го подготвите филот, на крајот во него додајте ситно сечкан магдонос и измешајте. За филот за премачкување: одвојте ги белките од жолчките.




Изматете ги пенасто белките во цврст снег, а потоа изматете ги жолчките, па соединете ги. Во нив додајте го маслото, јогуртот, гризот и прашокот за печиво. Соединете во мазен и едноличен фил кој лесно се премачкува.




Редење: на 2 готови кори, поставени една врз друга, се премачкува обично со филот, одозгора се става трета кора и се премачкува додека да стигнете до 5 кори, со тоа што последната кора не се премачкува. Ако готовите кори се многу тенки, тогаш ставате 5, ако се подебели, тогаш се ставаат 3 и третата кора не се премачкува.

На третата или петтата кора се става половина од филот со месо и праз/кромид само од едната страна по надолжна линија. Потоа се завиткува ролат, почнувајќи од таа страна. На истиот начин се подготвува и втор ролат и се редат еден врз друг во огноотпорен сад.

На крајот, ролатите се премачкуваат со преостанатиот фил од јајца и јогурт, односно тој се излева врз нив. По желба, наросете со семки од сусам или ленено семе. Ставете на печење во претходно загреана рерна на 200 степени, 40-45 минути.

По печењето, ролатите се оставаат малку да се оладат, па се сечат на помали штрудли и се послужуваат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.