Ако сте љубители на белото пилешко месо, тогаш испробајте го овој рецепт за сос од лук во кој месото останува сочно и вкусно. Пилешкото месо е многу вкусно, но и лесно за приготвување. Од ова месо може да правите најразлични јадења како што се паштети, необични предјадења, салати…
Постојат безброј начини за подготовка, а еднинствено на што мора да внимавате е да не го готвите месото премногу долго и да не ви излезе суво. За ова да се спречи ќе ви помогне бујонот кој секое месо го претвора во сочно и меко. Бујонот можете сами да го приготвите, а доколку немате во моментот, едноставно растворете коцка супа во топла вода. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 пилешко филе, 2 супени лажици брашно, малку масло, малку путер (2 лажици), сол и црн пипер, лук во прав/гранули, 2 чешниња лук, оригано, 100 мл топла вода или бујон (или растворено мало парче коцка супа), 1 лажица лимонов сок, оригано, малку свеж магдонос
ПОСТАПКА: Пилешкото месо исчистете го од жилички, измијте го со ладна вода и избришете го со салветка. Потоа исечете го на коцки со големина на залак, посолете, запиперете и наросете лук во прав.
Месото измешајте го со зачините во еден подлабок сад. Врз месото наросете една полна супена лажица брашно, па промешајте со лажица за да се распореди рамномерно. Во тава загрејте малку масло па запржете го кратко месото додека да зарумени од сите страни.
Извадете го месото од тавата, а во истото масло додајте малку путер (околу една полна супена лажица), а кога ќе се растопи додајте ситно сечкани (или истиснати низ преса) две-три крупни чешниња лук и една супена лажица брашно.
Промешајте, па додајте една супена лажица лимонов сок и една мала лажичка суво оригано. Повторно промешајте и малку пропржете додека да се ослободат аромите, а потоа додајте 100 мл топла вода или бујон (може и пилешка супа).
Мешајте кратко додека течноста да згусне, а потоа додајте го претходно испрженото месо. Кратко динстајте на ниска температура додека да се впијат вкусовите, па одозгора наросете малку ситно сечкан свеж магдонос и послужете. Деталите погледнете ги видеото ОВДЕ.