Ова е еден од оние многу вкусни колачи кои при секој залак се топат во уста. За да го подготвите колачот како мерка на состојките ќе ви бидат потребни една чаша и една лажица. Повеќето состојки се мерат со лажица. Колачот е многу лесен за памтење, па затоа нема потреба ни да го запишувате, пишува НМД. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 6 лажици шеќер, 12 лажици масло, 12 лажици млеко, 12 лажици гриз, 12 лажици брашно, 1/2 кесичка прашок за печиво, 12 лажици мелени ореви, 2-3 лажици сечкани ореви за наросување по желба.




За преливот ќе ви биде потребна една чаша од 200 мл и овие состојки: 2 чаши шеќер, 2 чаши вода, малку лимон и 1 кесичка ванилин шеќер по желба. ПОСТАПКА: Во еден сад скршете ги двете јајца, додајте го шеќерот и изматете со миксер додека шеќерот почне да се растопува.




Кога смесата ќе стане светла и еднолична, додајте го маслото и млекото. Потоа додајте го гризот, брашното измешано со прашокот за печиво и уште малку изматете со миксерот. Смесата ќе стане погуста и тогаш додајте ги мелените ореви.




Продолжете да мешате со шпатула додека да се изедначат оревите во целата смеса која сега ќе стане уште погуста. Во еден плех со димензии 26х22 см или со слична големина малку намастете го со кујнска четка и набрашнете го по дното и страните (вишокот истресете го).




Излејте ја целата смеса од колачот и добро распоредете за да се испече насекаде подеднакво. Исто така кога ќе ја измазните смесата, плехот малку протресете го од масата за да се ослободат вишокот меурчиња со воздух од тестото.




Одозгора наросете 2-3 лажици ситно сечкани ореви по желба и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 190 степени околу 20-25 минути во зависност од јачината на вашата рерна. По печењето извадете го колачот од рерна и оставете малку да се олади.




Во меѓувреме направете го преливот: во еден сад измешајте го шеќерот и водата. Ставете го садот на рингла и гответе на умерена температура 3-4 минути по зовривање на водата. Додајте и сечкани лимони на прстени. Потоа оставете преливот да се излади.




Оладениот колач исечете го на коцки со дебелина по ваша желба и потоа прелијте го со оладениот сируп во кој сте додале една кесичка ванилин шеќер по желба. Залијте го колачот рамномерно и оставете го да го впие сирупот, неколку часа.