Овој рецепт е многу стар и баба ми редовно го подготвуваше во јануари, не знам зошто посебно тогаш, но таква беше традицијата во нашата куќа. Кога ќе замирисаше додека се пече, сите нестрпливо чекавме на трпезата да биде готов, па да можеме да го јадеме. Целата тепсија ја снемуваше за неколку минути, толку многу го сакавме. Еве кои состојки ви се потребни за да го направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 8 г ванилин шеќер, 150 г обичен шеќер, 120 мл сончогледово масло, 150 мл јогурт, 250 г брашно, 10 г прашок за печиво, џем по ваш избор (јас користам џем од малини или јагоди). ПОСТАПКА: Јајцата и јогуртот треба да бидат на собна температура. Ги оставам 1 час пред подготовка на колачот во кујна. Во еден подлабок сад изматете ги јајцата со ванилиниот и обичниот шеќер со миксер.




Кога шеќерот ќе се растопи и ќе добиете светла и ретка смеса, додајте го маслото. Не е потребно да ги одвојувате белките од жолчките, само добро изматете ги додека да згуснат. Потоа во тенок млаз додека непрекинато матите додајте го јогуртот. Кога ќе ги соедините сите влажни состојки, додајте ги сувите (подобро е да ги просеете, но не е задолжително, сѐ додека убаво да ја соедините смесата).




Додајте го брашното измешано со прашокот за печиво и соединете во хомогена смеса, без да го користите миксерот. По додавањето на сувите состојки, соединете со шпатула или со лажица, за смесата да не спласне. Плех со димензии 20х20 см намастете го и наросете го со брашно, а вишокот истресете го. Добиената хомогена смеса без грутчиња, излејте ја половина во подготвениот плех и израмнете подеднакво.




Преку половина од смесата ставете малку од џемот кој ќе го додавате со лажица и ќе излевате линии врз целата површина на смесата. Одозгора прелијте со втората половина од смесата и повторно премачкајте со џем на неколку места. Ставете го колачот да се пече веднаш во претходно загреана рерна на 180 степени. Печете околу половина час или во зависност од рерната. На крај проверете со чепкалка дали е печен колачот.




По печењето, колачот се остава малку да се олади под крпа, па потоа се превртува на рамна чинија и се наросува со шеќер во прав. Се послужува со сечење на коцки. Доколку сакате да подготвите чоколадна верзија од овој колач, подолу може да ги прочитате состојките кои ќе ви бидат потребни, а постапката е идентична, како што е погоре објаснето, единствено со неколку ситни разлики како:




Во колачот се додава џемот и се пече во калап со димензии 30х20. Се пече на истата температура, приближно исто време, дополнително што во колачот се додава какао за да биде чоколаден и се излева целиот во калапот за печење, не се дели на двапати, бидејќи џемот се става во основната смеса. По печењето, чоколадниот колач се прелива со чоколадна глазура, која подолу може да прочитате како да ја подготвите.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ЧОКОЛАДНА ВЕРЗИЈА): 3 јајца, 8 лажици шеќер, 3 полни лажици џем, 150 мл млеко, 8 лажици брашно, 3 лажици какао, 2 лажици масло, 1 кесичка прашок за печиво. ЗА ЧОКОЛАДЕН ПРЕЛИВ: 250 мл слатка павлака (хопла или павлака за шлаг) и 150 г чоколадо.

ВТОР РЕЦЕПТ – ЧОКОЛАДНА ВЕРЗИЈА




ЗА ЧОКОЛАДЕН ПРЕЛИВ: Пред да ја прелиете чоколадната глазура, избоцкајте го колачот на неколку места со чепкалка, за убаво да го впие преливот. Ставете ја слатката павлака во едно тенџере на оган и загревајте на умерена температура до моментот пред да зоврие. Веднаш тргнете ја павлаката од оган и во неа додајте го чоколадото претходно искршено на коцки. Мешајте додека убаво да се растопи чоколадото и да добиете густа, сјајна чоколадна глазура. Прелијте го колачот.

Малку вртете го плехот, подигнете го едниот крај, па другиот, и сè така, за да може преливот насекаде рамномерно да се распореди додека колачот е подигнат под агол. Оставете го колачот убаво да се олади, неколку часови. За тоа време ќе го впие целиот чоколаден прелив. Исечете го и послужете го. Освен што е сочен, овој колач многу убаво мириса и многу е вкусен. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.