Со овој метод ќе добиете многу вкусни лепињи кои се печат 6 минути. Ако сакате свежи лепињи, ова е идеалниот рецепт за вас! Овој вкусен леб се прави толку лесно и брзо. Лепчињата излегуваат нежни, сочни и многу вкусни, за мерак. Со нив можете да си правите нафора со сирење или да ги полните со ќофтиња или ќебапи.
Ова е навистина брз и едноставен процес за да си направите домашно лепче за кратко време. Не само што е лесно за подготовка, туку лепињите се и многу вкусни. За да ги направите, ви се потребни само мал број состојки кои веројатно постојано ги имате во вашата кујна. Тестото се замесува од квасец, вода, млеко, јогурт и брашно. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша вода (200 мл), 1 чаша млеко (200 мл), 1 шолја јогурт (125 мл), 2 супени лажици масло за готвење, 1 коцка свеж квасец (21 грам), 1 супена лажица шеќер, 1 лажичка сол, 5 и пол до 6 чаши брашно (550 – 600 грама). Млекото и јогуртот се оставаат 1 час да отстојат на собна температура, пред подготовка на лепињите.
ПОСТАПКА: Во сад ставате една чаша топла вода (200 мл), потоа додајте една шолја јогурт (125 мл) со 1 чаша млеко (200 мл), две супени лажици масло за готвење, една супена лажица шеќер и еднa коцка свеж квасец (21 грам). Мешајте ги состојките додека да се растопи квасецот.
Потоа додавате 5 и пол до 6 чаши брашно (550, 600 грама) и една лажичка сол. Брашното додавајте го постепено со месење со рака додека да се соедини во лепливо меко тесто. Кога ќе го формирате тестото, оставете го да нарасне на собна температура околу 1 час.
По изминатото време, тестото се префрла на рамна и набрашнета површина и се домесува, додека да престане да се лепи. Потоа поделете го на 10 еднакви делови и формирајте топчиња од секој дел.
Започнете секое тесто да го подготвувате на следниот начин: ставете малку брашно на рамна површина и развлечете го секое тесто со оклагија во кружна кора со дебелина од 3 до 4 мм.
Направете го тоа за сите 10 парчиња тесто, а потоа покријте ги и оставете ги да отстојат уште 10-тина минути на топло место. Лепчињата наросете ги со малку пченкарно брашно за подобар вкус.
Еден плех за печење се става од обратната страна во рерна, со долната страна нагоре (наопаку) и на површината се редат по 2-3 лепињи, колку што ви собира. Вклучете ја рерната да се загрее на 250 степени и ставајте ги тестата едно по едно да се печат.
На овој начин, лебот се пече со еднаква дебелина од двете страни. Лепињите се печат на 250 степени од 5 до 7 минути. Како што се пече една лепиња, таа малку ќе се стесни и ќе нарасне, па со повремено проверување може да ја додавате следната лепиња, а ја вадите првата која веќе се испекла. Доколку имате голем плех, истовремено ќе можете да печете по 2-3 лепињи.
Лепињите се готови кога ќе потемнат и ќе фатат фина коричка на површината. Овие лепињи се многу вкусни, а процесот на подготовка е многу лесен. Лепињите може да ги послужите со ќофтиња/ќебапи или со некоја салата. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.