Компирите се едни од најпопуларните прилози кои најчесто се послужуваат со месо на скара или во посните денови. Може да ги пржите, печете, варите, во најразлични облици и да ги комбинирате со најразлични намирници. Мојата снаа пред некој ден ме изненади со овој вкусен изум. Таа направила многу вкусна салата, која ја ставила во компири.

Вака послужените компири не само што се одличен предлог за ручек, туку се одлични за вечера или дури и за средба со пријателите. Совршени се за посните денови (со посен крем),  интересно јадење без месо. Ако сè уште не сте јаделе компири во оваа варијанта, мора да ги пробате. Салатата може да се послужи и самостојно, многу е вкусна. Еве што ви е потребно:

прв рецепт

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): околу 1 и 1/2 кг големи здрави компири, 500 г полумасно бело мелено сирење, 4 лажици крем 12% или павлака, неколку перциња власец, 1 китка копар, неколку парчиња путер, сол и црн пипер за зачинување.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ) – крцкави компирчиња со пченкарно брашно: 4-5 компири со средна величина, сол и црн пипер по вкус, 1 лажица сув зачин (вегета), 3 супени лажици пченкарно брашно, по потреба масло или путер, половина лажичка сладок црвен зачински пипер во прав.

втор рецепт

ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Темелно исчистете ги компирите под млаз вода. Користете здрави компири, без никакви оштетувања и потемнети делови, бидејќи се користи целиот компир. Доколку имате млади компири, не мора да ги лупите, излегуваат многу вкусни, бидејќи лушпата станува крцкава.

Секој компир исушете го од водата и одделно ставете го на парче алуминиумска фолија. Фолијата ја сечам на мали квадратчиња, доволно за да може да се завитка секој компир. За овој рецепт вкупно искористив околу 12 компири, но може и по желба.

Направете вкрстен исечок на средината на секој компир, малку подраширете, па посолете, запиперете и помеѓу засеците, вметнете парче путер. Подготвените компири завиткајте ги во фолијата. Наредете ги компирите на плех за печење и ставете ги во загреаната рерна.

Печете на 180 степени околу еден час додека да омекнат, најдобро е да проверувате за време на печењето на компирот со чепкалка (времето на печење зависи од големината и видот на компирот). Во меѓувреме ситно исечкајте го власецот и исечкајте го копарот на ситно.

Во белото сирење додајте ја павлаката, власецот, копарот, посолете и запиперете. Сѐ измешајте заедно до соединување. Потоа, печените компири внимателно одвиткајте ги од фолијата и малку отворете ги по засеците со вилушка. Врз секој компир ставете по една лажица од подготвената салата. Готовиот компир со салата може да се декорира со власец, копар или магдонос.

ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Компирот измијте го убаво со ладна вода, па излупете го и повторно измијте го за да се испере од него скробот и евентуалната нечистотија од кората. Потоа, исечете ги компирите на тркалца, ниту тенки ниту дебели, но внимавајте да бидат со еднаква дебелина.

Потоа исечените компири посолете ги, запиперете ги, додајте сув зеленчуков зачин (вегета) и црвен пипер во прав. Ако сакате можете да додадете и некои зачини по ваш вкус. Во компирите додајте 2-3 лажици масло или растопен путер, па убаво промешајте за да се соедини и зачините рамномерно да се распоредат.

Одозгора наросете го пченкарното брашно и промешајте. Во плех или некој огноотпорен сад (може да го обложите со хартија) ставете ги приготвените компири и рамномерно распоредете ги. Одозгора уште малку наросете со пченкарно брашно.

Може да ставите и повеќе пченкарно брашно отколку што е наведено во рецептот, ќе добиете уште покрцкав компир. Исто така, и компирите можете да ги сечете со различна форма, доколку така ви одговара.

Загрејте ја рерната на 200 степени, и во убаво загреана ставете ги компирите да се печат околу 35 минути или во зависност од вашата рерна. Вие најдобро си ја познавате вашата рерна, па одлучете вие колку е доволно.

Компирот треба да има убава златна боја. Додека сè уште е топол послужете го како прилог или како главно јадење. Нека ви е на здравје! / Љубичинка / Сооlinarika.com. Деталите за првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ.