Иако овие слатки плодови на смоквата ги нарекуваме „овошје“, сепак тие не се тоа, туку се цветовите на дрвото. Сепак, тие се симбол на летото и на сèшто е слатко, мирисно и вкусно. Па, дали има нешто поубаво и поосвежително од вкусните и сочни смокви?




Ќе ве израдува позитивниот одговор, бидејќи во свежа состојба, смоквите ќе ги обожавате и во слатката зимница чијашто сеозна на подготовки тукушто започнува. Без разлика дали сте љубители на зимницата или не, на овој рецепт нема да му одолеете, а вака приготвеното слатко од смокви на сите ќе им се допадне.




Кога минатата година наближи крајот на летото и започна сезоната на зимниците, така и јас одлучив да се приклучам на традицијата на нашите баби и за првпат да направам слатко од смокви. Веднаш пронајдов едноставен и брз рецепт: 2 кг смокви, 2 кг шеќер..хммм..




Ги пробав смоквите, а тие слатки како мед, па затоа одлучив малку да го „модифицирам“ рецептот, мислејќи дека ионака смоквите сами по себе се слатки и што ќе им е толку многу шеќер, па наместо 2 килограми, ставив 1 килограм шеќер.




После кратко готвење, задоволно се смешкав, бидејќи мојот прв обид и придонес кон минатогодишната зимница беше повеќе од успешен, парем јас така си мислев. Гордо им поѕвонив на врата на најблиските сосетки со кои пијам кафе и им дадов од моите шарени теглички со свежо приготвеното слатко.




После неколку дена одлучив да го дегустирам слаткото со утринското кафе и видов дека тоа почнало да се расипува. Веднаш започнав да се распрашувам зошто тоа ми се случило, а една од сосетките, искусна домаќинка, ми рече: „Па не можеш слатко да правиш без шеќер! Мора да ја ставиш целата предвидена количина за да биде како што треба и да не ти се расипе!“




Веднаш ми беше полесно, бидејќи грешката што ја направив беше случајна, па веднаш зедов да правам уште една количина, но овојпат според точните мерки и навистина излезе одлично и слаткото не ми се расипа. Ова веќе е проверен рецепт за слатко од цели смокви, еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кг смокви (најдобро е да бидат поситни и полузрели или зрели но потврди), 2 кг шеќер, 200 мл вода, 1 лимон. ПОСТАПКА: Шеќерот и водата ставете на рингла да се растопи и да зоврие.




Смоквите измијте ги, отстранете им ги петелките, па секоја смоква боцнете ја со чепкалка (за да пукаат додека се варат). Смоквите ставете ги во сирупот од шеќер и вода. Повремено тенџерето (широко и длабоко) протресувајте го, но не ги мешајте смоквите за да останат цели.




Варете ги приближно околу еден час или помалку, со повремено вадење на пената. Кога слаткото ќе ја добие посакуваната густина слична на мед или приближно, кога од лажицата „паѓаат две капки одеднаш“, тогаш додајте го сокот од еден лимон, или половина сок и половина исечен на тркалца.




Тргнете го тенџерето настрана, а после 5 минути повторно вратете го на еден „клуч“. Ова помага да не се шеќердиса слаткото и да има подолг рок. Потоа тенџерето покријте го со чиста крпа, претходно натопена во ладна вода и добро исцедена. оставете го слаткото вака да се олади до следниот ден, па складирајте го во чисти и суви тегли.