Фото и рецепт: Драгана Ѓорѓевиќ
Едно од поубавите слатка кои го одбележуваат летото.
Потребни состојки:
1 кг сливи
1 кг шеќер
1 лимон
2 лажици вар
зачини по желба
излупени бадеми 35-40
300 мл вода
Постапка:
Сливите (потврди, да не се презреани) измијте ги убаво во ладна вода, а потоа излупете ги. Секоја слива штом ја излупите потопете ја во варова вода.
Варова вода: Две лажици вар се раствораат во два литри ладна вода. Кога ќе се избистри кашата се процедува и се користи само бистриот дел.
Сода бикарбона растворена во вода, може донекаде да ја замени варовата вода. За потопување на 3 кг сливи на пример, потребни се 3 литри вода и 30 г сода бикарбона.
Ако сливата е поситна, тогаш во еден килограм има 40 парчиња, а ако е покрупна тогаш се 35 на број. Сливите оставете ги во варовата вода да отстојат 2 часа.
Потоа убаво измијте ги и вадете им ги семките со избивање на спротивната страна (со игла за плетење, штрафцигер..). На местото на семката ставајте еден бадем.
Шербетот сварете го од шеќерот и 300 мл вода. Варете ги сливите со повремено протресување на тенџерето. Додадете лимон исечен на тркалца, лист од слаткарче, ванила, каранфилче…
Кога е варено слаткото прекријте го со мокра крпа, па следниот ден соберете го во тегли и уживајте во неговиот прекрасен вкус.
Фото и рецепт: Драгана Ѓорѓевиќ