Фото и рецепт: Габриела Миленкоска

Рецептот за ова преубаво слатко од рендани дуњи ни го претстави нашата драга членка Габриела Миленкоска во групата НМД рецепти. Веќе започнаа да зреат дуњите, па може да се почне и со приготвување на ова преубаво слатко.

Еден интересен факт кој малкумина од нас го знаат е тоа што името на дуњата на португалски јазик се нарекува „marmelo“ кој во превод значи дуња. Поврзаноста на името и овошјето се објаснува со незамеливата погодност на дуњата за правење на вкусни мармалади.

Потребни состојки:

800 г – 1 кг дуњи
1 кг шеќер
300 мл вода
100 г ореви по желба

Постапка:

Дуњите убаво измијте ги и исцедете ги од водата. Направете го шербетот од 1 кг шеќер и 300 мл вода, да врие околу 10-тина минути. Потоа изрендајте ги дуњите без лупење и веднаш ставајте ги во сирупот за да не потемнуваат.

Ставете го повторно на оган да се вари на умерен оган околу половина час, додека да добие жолта боја. По желба може да се додадат и 100 г ореви сечкани. Слаткото се собира додека е топло во тегли и на крај се додава по едно тркалце одозгора за да не се шеќердисува и да не се расипува.

Фото и рецепт: Габриела Миленкоска

Во продолжение може да прочитате и други начини на подготовка и ваши коментари.

Потребни состојки:

1 кг дуњи
800 г шеќер
1 лимон
може и една рака ореви по желба

Постапка:

Исчистете ги дуњите и исечете ги на парчиња, па ставете ги во 2 литри вода во која сте додале сок од 1 лимон или 1 лимонтус (а може и винобран) за да не поцрнат.

Во второ тенџере ставете други 2 литри вода, па тука со помош на решеткаста лажица извадете ги дуњите од лимонтусот и ставете ги да се варат 6-7 минути. Доколку сте ставиле винобран, дуњите прво добро измијте ги под млаз вода пред да ги ставите да се варат.

Во друго тенџере ставете шеќер и додадете околу 200-300 мл вода и ставете на оган да зоврие и да се растопи шеќерот. Извадете ги дуњите со решеткаста лажица и ставајте ги во сирупот.

Варете околу еден час за да се свари слаткото, па кога ќе избијат густи бели меури и дуњите ќе станат стаклести, слаткото е готово.
Можете да додадете и ванилин шеќер доколку сакате. Пред крај исечете тркалца од еден лимон.

Слаткото можете веднаш да го складирате во стаклени тегли и да ги превртувате, или тенџерето да го покриете со влажна крпа и најдобро да преноќи, па следниот ден да се складира во тегли и да се затвори.

Потребни состојки:

2 кг дуњи
1 кг и 250 г шеќер

Постапка:

1.Дуњите прелијте ги со вода и сварете ги. Врели вадете ги од водата и брзо лупете ги, па исечкајте ги на коцки.
2.Во тенџере ставете го шеќерот и прелијте го со 1-2 чаши вода. Сварете густ сируп, тргнете од оган па додадете ја дуњата.
3.Варете на силен оган додека од дрвената лажица да почнат да паѓаат тешки капки. Тргнете од оган, тргнете ја пената и покријте го со влажна крпа.
4.Оставете да преноќи, па складирајте во суви тегли. Затворете со целофан.

Коментар на Violeta Kicovska:

”Јас ги рендам дуњите. Прво ставам 1 кгр. шеќер покриен колку еден прст над шеќерот со вода. Кога ќе се стопи шеќерот, измиените, а не лупени дуњи директно ги рендам врз шербетот се разбира набрзина. Така до последната дуња. Го отпенувам слаткото и кога ќе видам дека е готово, ставам една ванила за мирис, а слаткото останува жолто, не потемнува. Го покривам тенџерето со влажна крпа, и дури утредента го сипам во тегли.”

Коментар на Марија Иванова:

”За да биде светла бојата мојата мајка секогаш го правеше уште со еден, додека шербетот се вареше другиот го рендаше во тенџере со вода. Кога шербетот ќе се згусне дуњите се цедат од водата и се ставаат во шербетот. Најважно за да ја задржи светлата боја е брзото ладење, тенџерето со слаткото се става во поголем сад со ладна вода, која се менува за да се излади.”