Слаткото од јагоди се послужува со различни десерти, а највкусно е кога се комбинира со палачинки. Највкусно е ако го подготвите домашно, за помалку од 1 час. Рецептот на Виолета не содржи конзерванси и има рок од неколку месеци (за да трае подолго, може да додадете конзерванс), но според овој рецепт се подготвува природно.
Најпрво мора да си подготвите стерилизирани тегли кои имаат здрав капак, а тоа најлесно ќе го направите на 90 степени во рерна околу 10 минути. Потоа, треба да користите здрави јагоди, така што ако купите точна количина колку што е потребна за слаткото, најверојатно нема да ви стигне бидејќи неколку оштетени јаготки ќе треба да се исфрлат.
„Јас купувам повеќе јагоди, можеби уште 500 г повеќе, па ги исфрлам оштетените, а останатите ги чистам од зелениот дел и ги потопувам во вода со сода бикарбона, да отстојат уште половина час, па потоа уште еднаш добро ги мијам“, вели Виолета.
„Овој рецепт го подготвувам со години и секогаш ми трае по неколку месеци, што за мене е долг рок бидејќи не содржи никакви конзерванси. За да ви трае подолго може да додадете лимонтус.“ Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 кг јагоди и 2 кг шеќер. По некој друг рецепт соодносот е 1:1, така што на 1 кг јагоди треба да се додаде 1 кг шеќер, но доколку ја намалите количината на шеќер, слаткото може да излезе уште повкусно, посебно ако јагодите се благи.
Ќе ви биде потребно уште 1,2 литар вода, прво се сипува литар, па потоа се додава уште 200 мл вода. ПОСТАПКА: Во поголемо тенџере ставете го кристал шеќерот, па одозгора сипете 1,2 литри вода. На секој килограм оди 400 мл вода.
Кога водата ќе проврие, се чека уште малку да вари додека шеќерот да се растопи и да се згусне. Се добива слична конзистентност како сируп. Ќе треба да варите уште некои 2-3 минути, промешајте за полесно да се раствори шеќерот, да не остане на дното.
Кога сирупот ќе згусне, намалете ја температурата на ринглата, јас намалив од 6 на 4, а ако најмногу ви е 9 тогаш намалете на 6 за да крчка. Јагодите започнете да ги додавате во сирупот и оставете да се готват во него.
Пената која по некое време ќе почне да се формира на површината потребно е да ја вадите додека се вари на оптимална температура. Јагодите не треба да ги мешате, само може внимателно да го протресувате тенџерето.
Јагодите се готват околу 30 минути, пената се отстранува постојано, а потоа кога ќе се згусне уште повеќе сирупот и кога капките ќе почнат потешко да паѓаат кога ќе земете малку со лажица, тогаш слаткото е готово. Не треба премногу да се згусне за да не се направи џем.
По изминатото време, кога ќе се направи сируп со посакуваната густина, се трга од рингла и се остава целосно да излади. Сирупот се складира во чисти врели тегли и се остава преку ноќ во рерна, а потоа се преместува во подрум или на некое друго ладно и темно место. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.