Кога ќе ви здодее декоративно-мирисните дуњи наредени во орманот, веднаш напрацете си слатко од нив во микробрановата печка. Вкупното времетраење е приближно еден час, но цели 40 минути не мора ништо да правите додека слаткото си се „крчка“ во печката… – Лели.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг дуњи, 500 г шеќер, сок од 2 лимони. За овој рецепт секогаш на еден килограм неизлупени дуњи се става половина килограм шеќер. ПОСТАПКА: Дуњите измијте ги, излупете ги и исечкајте ги на коцкички (само ова е најтешко од целата постапка).
За да не потемнат веднаш полијте ги сечканите дуњи со лимоновиот сок и додајте го шеќерот. Ставете во специјален сад за микробранова, поклопете го садот но не целосно, туку оставете мал простор за да има од каде да излегува водената пареа.
Ова е важно: вклучете ја на микробрановата 7 минути на 800 W. Кога ќе заврши овој програм, веднаш вклучете уште 35 минути на 350 W. Извадете го слаткото од микробрановата и веднаш полнете во топли теглички, добро затворете ги и оставете ги на ладење.
Искуство на читателка кое би можело да биде корисно: „Еве го и моето искуство со овој рецепт. Бидејќи мојата микробранова нема ознака за јачина, т.е. 800 W и 350 W како што е во оригиналниот рецепт, затоа јас на мојата прво вклучив на најсилно, а потоа намалив на првата после „дефрост“.
Слаткото излезе одлично, за чиста десетка, но имав потешкотии со преливањето и претекувањето од садот. Неколку пати го прекинував програмот за да ја избришам онаа тацната што е на дното и целата печка, но бев упорна и на крај се снајдов:
Веројатно користев плиток сад, па затоа го поклопив со обична стреч-фолија која ја избоцкав на неколку места и така го довршив ова готвење. Сè вкупно кај мене траеше само половина час, не знам како вака брзо ми се зготви слаткото.
Можеби затоа што немав доволно голема чинија, па ја намалив количината на дуњите. Да напоменам дека за приготвувањето користев „Couver“-ова пластична чинија без капак, бидејќи ми беше кажано дека капакот не смее да се става во микробрановата печка“. А еве и поинаков начин на подготвување: Слатко од дуња и ореви – најбрзиот рецепт на старински начин
Потребни состојки: 1,5 кг рендани дуњи, 2 кг шеќер, 400 мл вода, 1 лимон.
Подготовка: Најпрво излупете ги дуњите, а потоа изрендајте ги на крупната страна од рендето. Додека ги рендате дуњите, може да ја променат својата боја. Затоа може постепено да додавате малку сок од лимон врз ренданиот плод.
Во поголемо тенџере ставете го шеќерот со вода, промешајте и оставете да се растопи шеќерот на тивка температура. Во растопениот шеќер и кога ќе почне да се прави густа маса, додајте ги дуњите во тенџерето.
Протресете го малку тенџерето, но не го мешајте слаткото. Оставете слаткото да се вари уште 15 – 20 минути. Предност на ова слатко е тоа што не се создава пена, и не е потребно да ја отстранувате.
Пред самиот крај додајте 4 парчиња сечкан лимон на кругови и оставете да го испушти сокот уште 2 минути. Потоа тенџерето тргнете го од рингла и додајте ги претходно ситно сечканите ореви.
Потоа со дрвена лажица промешајте го слаткото додека да се соедини со оревите. Пред да го складирате слаткото во стерилизирани тегли, почекајте 15 – 20 минути да се излади. Затворете ги теглите, а слаткото чувајте го на темно и суво место.