Тестото за овие кифли е толку многу меко и нежно, како памук, а кога ќе се испечат кифлите се превкусни. Во овој рецепт ќе ви опишеме детално како од тестото на едноставен начин да направите декоративни ружи, но секако, од него можете да правите и обични кифли, лепчиња, плетенки или што и да посакате.




Исто така, во ова тесто се додава шеќер како за колачи, но не е премногу благо. Од оваа количина излегуваат 12 големи кифли-ружи, па ако се одлучите да ги направите, ќе бидете воодушевени, а особено вашите деца и гостите. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл топло млеко, 100-150 г шеќер, 2 мали лажички сув квасец (1 кесичка од 10 г), 2 јајца и 1 белка, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 100 г несолен путер, 700 г брашно, 1 лажичка сол, малку масло за премачкување, жолчка+1 лажица млеко за премачкување.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете го топлото млеко, па додајте го шеќерот и мешајте додека да се раствори. Потоа додајте го квасецот, двете јајца и една белка (жолчката сочувајте ја за подоцна). Јајцата треба да бидат отстојани на собна температура (да не се ладни од фрижидер зошто ќе ја спречат ферментацијата на квасецот).




Путерот растопете го во микробранова или на тивок оган, а кога ќе го додавате во останатите состојки не смее да биде врел, туку сосем млак. Изматете ги сите течни состојки додека да добиете изедначена смеса.




Брашното просејте го и помешајте го со солта, па започнете постепено да го додавате во течните состојки. на почетокот мешајте со лажица или шпатула, а потоа замесете со рака. Тестото е доста меко и лепливо, но такво треба да биде. месете го малку подолго ако е потребно и помагајте со силиконска шпатула, сè додека престане да се лепи.




Од тестото обликувајте топка (сè уште може да лепи, но сосем малку), па ставете го во чист сад претходно малку намастен, па и самото тесто малку намастете го. Покријте го со кеса или проѕирна стреч фолија, па оставете го на топло место да стасува најмалку 40 минути или додека да го удвои волуменот.




Внимателно премесете го со диплење за да се истисне воздухот од него, па поделете го на 12 делови. Секој дел обликувајте го топка. Земете го првото топче, а останатите покријте ги за да не се сушат. Засечете го топчето до неговиот центар, па раширете го за да се формира ваљак. Со помош на дланките развлечете го во долго тенко валјаче, како врвка.




Со оклагија споснете го две третини од должината, премачкјате го со масло и пресечете го на средина, така да добиете две ленти. Започнете да ги плетете лентите една преку друга, а крајот слепете го и започнете да го виткате како полжав.

Онаа една третина од тестото притиснете ја на повеќе места со дрвено стапче за да се добие рељеф, па со овој дел завршете го виткањето на ружата. Вака приготвените ружички наредете ги во плех обложен со хартија за печење.

Покријте ги и оставете ги на топло да стасуваат 15-тина минути додека да го удвојат волуменот, а потоа премачкјате ги со мешавина од жолчка и млеко. Ставете ги да се печат во добро загреана рерна на 180 степени 20-25 минути. Оставете ги да се оладат на решетка пред послужување. Деталите погледнете ги ОВДЕ.