Изминативе 5 години кога се враќам од работа застанувам во најблиската слаткарница и за домашните купувам рум коцки. Тие ми се највкусни и најкремасти од сите што ги имам пробано. Слаткарот веќе ме научи и знае точно во колку часот доаѓам да ги купам. Еден ден, кога отидовме со децата да седнеме во слаткарницата, слаткарот ми подаде лист со рецептот и ми рече да го споделам со пријателите, бидејќи многу се барал. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 4 јајца, 100 г шеќер во прав, 150 г путер, 3 лажици брашно, 2 лажици какао, 1 кесичка прашок за печиво, 150 г мелени ореви. ЗА ФИЛОТ: 300 г путер, 300 г шеќер во прав, 100 г или 3 лажици џем без шеќер, 50 мл рум, 150 г мелени ореви, 150 г слатка презла. ЗА ГЛАЗУРА: 200-250 г чоколадо, 4 лажици млеко, 4 лажици масло, шлаг за декорација.
ПОСТАПКА ЗА БИСКВИТОТ: Јајцата и путерот треба да бидат стоплени на собна температура минимум 1 час пред подготовка на колачот. Одвојте ги белките од жолчките и белките веднаш изматете ги во цврст снег, неколку минути со константно матење со миксерот. Снегот треба да биде цврст и да не спласнува.
После тоа преминете на матење на жолчките. Додајте 100 г шеќер во прав и 150 г путер/маргарин и изматете во волуменеста и кремаста смеса. Преку сито, просејте 3 лажици брашно, 2 лажици какао и 1 кесичка прашок за печиво. На најлесна брзина со миксерот соединете ги сувите состојки, а можете и со шпатула, со лесно мешање.
На крајот додајте ги 150 г мелени ореви и добро соединете сѐ. Во стандарден плех од рерна со димензии 33х23 см или слични димензии, обложете со хартија за печење и малку намастете, па излејте ја смесата и рамномерно распоредете ја низ целата површина на плехот. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени, па испечете ја кората 20-25 минути, со повремено проверување да не ви загори.
По печењето, кората се остава малку да се олади, па се сечат краевите за да ја израмните. Во меѓувреме подгответе го филот. Остатоците од краевите на кората зачувајте ги за подоцна, јас ги користам како слатка презла.
ЗА ФИЛОТ: Oмекнатиот путер ставете го во подлабок сад, па додајте иста количина шеќер во прав. Јас ставам 300 г од двете намирници. Изматете со миксер во кремаста смеса, па додајте 3 лажици природен џем без шеќер. Може да користите и два видови на џем, на пример јас во смесата ставам 3 лажици џем од круша, а за премачкување на кората користам џем од праски.
Во соединетата смеса додајте околу 50 мл рум, па додајте 150 г мелени ореви и изронете ја смесата од остатоците од кората. Измешајте сѐ со шпатула до соединување. Потребно е да добиете конзистентност како крем, која лесно ќе се премачкува. Доколку смесата е многу течна, во неа може да додадете и мелена плазма или мелени пишкоти, јас постепено додадов уште 100 г.
Вака подготвениот крем е потребно да го премачкате преку кората, која претходно сте ја премачкале со тенок слој на џем од праски или некој друг по ваш избор. Добро израмнете го кремот. Јас користам калап со флексибилен обрач, за да се израмни кремот од страните. Ставете го колачот во фрижидер да отстои минимум 2 часа, а потоа подгответе ја глазурата.
ЗА ГЛАЗУРА: На пареа или директно во тавче на рингла, вклучена на ниска температура, растопете 200 или 250 г чоколадо со 4 лажици млеко и 4 лажици масло. Ладниот колач исечете го на еднакви коцки со големина по ваша желба, па површината на секоја коцка лесно глазирајте ја со превртување, да не истекува надолу по колачот.
Глазурата се остава малку да се стегне, па пред послужување, рум коцките се декорираат со малку шлаг, но и не мора. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.