Кој уште не слушна за „шепи“? Колачите за кои сосем сигурно постојат безброј различни рецепти, а сепак за сите нив, некои работи се речиси секогаш исти.. ореви, различни облици и шеќер во прав. Многумина ги приготвуваат доста порано, пред новогодишните празници, бидејќи имаат долг рок на траење, а со стоење стануваат уште поубави.
Јас својот рецепт го добив пред повеќе од 45 години од мојата свекрва, додуша мерите беа изразени во шолјички, но ја ги вагам, зашто така ми е полесно. Тестото е одлично, не е пресуво и не се рони при полнењето на калапчињата. Ќе ви ги претставам двата најдобри рецепти:
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл): 2.5 чаши брашно (до врв полни), 1.5 чаша маргарин/маст/путер, 1.5 чаша шеќер, 2 јајца, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 0.5 кесичка прашок за печиво (5 г), по желба рендана кора од лимон, 2 чаши мелени ореви (рецепт на Ивана)
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 250 г шеќер, 250 г маст, 250 г мелени ореви, 500 г меко брашно, и уште: малку масло и брашно за калапчињата, шеќер во прав за наросување на колачињата (рецепт на Зоја-гита)
ПОСТАПКА за рецепт 1: Пенасто изматете ги јајцата со шеќерот и ванилин шеќерот (не мора со миксер), па додајте го омекнатиот маргарин (или маст или путер, по желба), па мешајте додека состојките да се соединат.
Потоа додајте ги оревите, ситно рендана кора од лимон (по желба и вкус), како и брашното помешано со прашокот за печиво, па замесете со рака. Брашното би било најдобро да го додавате постепено. Треба да добиете убаво компактно тесто, не пресуво, кое лесно се обликува со рака.
Калапите премачкјате ги со масло и наросете ги со брашно, па полнете ги со приготвената смеса, но целосно до врв, бидејќи во текот на печењето малку ќе нараснат. Наредете ги во плех и вклучете ја рерната на 180 степени, па кога ќе се загрее ставете ги да се печат.
Печете ги приближно половина час, а помалите калапчиња треба да се печат пократко време. Оставете ги 3 минути малку да се оладат, па вадете ги од модличките. Кога уште малку ќе се оладат валајте ги во шеќер во прав и наредете ги во лимената кутија каде ќе ги чувате. Вадете по потреба и послужете. Деталите за вториот рецепт:
ПОСТАПКА за рецепт 2: постапката е сосем едноставна: сите намирници ставете ги самостоечки миксер или во мултрипрактик со продолжетоци за тесто, па добро замесете додека да добиете компактно тесто.
Калпчињата со четка намастете ги и наросете ги со брашно, а вишокот истресете го. Земајте малку тесто, формирајте топче со дланките, па дното на топчето потопете го во брашно (ова ми е поедноставна варијанта, отколку калапите да ги ставам во брашно), па распоредете во калапчето.
Кога ќе ги исполните калапите наредете ги во плехот и ставете да се печат во загреана рерна на 150 степени (-вентилаторска рерна), приближно 7-8 минути. Времетраењето зависи од големината на калапите и секако, од вашата рерна. Никако не смеете да ги препечете, зашто ќе се ронат при вадењето- нека останат малку меки, па со ладењето ќе стануваат токму како што треба.
Малку подизладени, но сè уште топли, килачињата валајте ги во шеќер во прав. Јас сепак повеќе сакам да ги наросувам со шеќер преку цедалка, па кога убаво ќе се оладат, вишокот го истресувам. На тој начин поубаво се гледаат облиците. Кога целосно ќе се оладат складирајте ги во лимена кутија – колку подолго стојат, толку се подобри.