Овој старински колач ќе ве потсети на безгрижното детство, кога нашите мајки и баби редовно го приготвуваа за празници, особено за Божиќ, и редовно можеше да се најде во новогодишните пакетчиња. Колку подолго стои, толку повкусен станува. Може да се приготвува во најразлични облици, но најчесто во облик на шепа, па оттаму и нивното име..

рецепт 1




Постапката за приготвување всушност е многу едноставна, но младите домаќинки се жалат дека не им излегуваат така вкусни како што ги правеле нивните мајки и баби. Првиот рецепт што ќе го претставиме го приготвува токму една баба, мајката на Рада и нејзината презентација можете да ја погледнете подолу на линкот. А, во продолжение ќе ви претставиме неколку опции, па според намирниците, одберете кој најмногу ви се допаѓа. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша од 250 мл): 2 чаши брашно, 1 чаша мелени ореви, 1 чаша шеќер, 1 чаша маст или 300 мл путер, малку рендана лимонова кора, 2 жолчки и шеќер во прав за наросување

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 220 г путер, 100 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 1 јајце, 300 г брашно, 100 г мелени ореви, шеќер во прав за валање

рецепт 3

РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г маст/путер/маргарин, 7 супени лажици шеќер, 2 јајца, 200 г мелени ореви, 100 г ситно сечкани ореви, 100 мл млеко, рендана кора од лимон, 1 кесичка прашок за печиво, брашно по потреба

рецепт 4 (посни шепи)

РЕЦЕПТ 4 (ПОСНИ ШЕПИ) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл масло, 1 маргарин (250 г), 100 мл вода, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 100 г кокос или мелени ореви, 10 лажици шеќер, 1/2 кесичка прашок за печиво, брашно по потреба




ПОСТАПКА за рецепт 1: Во еден подлабок сад ставете 2 чаши брашно, 1 чаша шеќер, 1 чаша маст или 300 мл путер (ако користите путер наместо маст, треба малку повеќе), 2 жолчки, малку рендана коричка од лимон и 1 чаша мелени ореви. Замесете со рака додека да добиете комапктно тесто.




Истресете го на работна површина и доработете го додека да се измазни. На почетокот е ронливо, но постепено станува компактно. Потоа оставете го да одмори половина час.

По изминатото време, набрашнете ги малку калапите и полнете ги со тестото и веднаш редете ги во плех обложен со хартија. печете ги во загреана рерна на 180 степени, 10-15 минути. Топли вадете ги од калапчињата и валајте ги во шеќер во прав. Постапката погледнете ја ОВДЕ. Прочитајте ја постапката и за другите рецепти:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Путерот омекнете го на собна температура, додајте му шеќер, ванилин шеќер и јајце, па пенасто изматете го додека убаво да се соединат сите состојки и да стане кремаст. Започнете постепено да го додавате брашното и продолжете со матењето (со продолжетоци за тесто) додека да добиете комапктно тесто.




Најпосле додајте ги мелените ореви, па тестото замесете го со рака или со лажица. Модличките за „шепи“ наросете ги со брашно, полнете ги со тестото и ги во плех обложен со хартија и печете ги во загреана рерна на 180 степени додека малку на краевите да започнат да заруменуваат.




Кога шепите се готови извадете ги од рерна и покријте ги со крпа, па вака оставете ги 10-тина минути да се подизладат. Вадете ги од модличките и валајте ги во шеќер од прав. Кога целосно ќе се оладат можете да ги послужите.

ПОСТАПКА за рецепт 3: со миксер пенасто изматете ја маста заедно со шеќерот и ванилата, па додајте ги јајцата и продолжете со матење уште малку, додека тие да се инкорпорираат (едно по едно). Исклучете го миксерот и додајте рендана кора од лимон, млеко, сечкани и мелени ореви.




Продолжете со матење со миксерот уште малку, постепено додавајќи го брашното помешано со прашок за печиво. Исклучете го миксерот и тестото истресете го на работна површина која претходно сте ја наросиле со малку брашно.

Добро измесете го тестото со постепено додавање на брашно. Тоа не треба да биде ниту премногу меко, но ни претврдо. Калапите за шепички наросете ги со брашно, во нив ставајте од тестото и печете во рерна загреана на умерена температура. Печените шепи валајте ги во шеќер во прав.

ПОСТАПКА за рецепт 4: Пенасто изматете го маргаринот кој претходно омекнал на собна температура, заедно со шеќерот и ванилата. Потоа додајте ги сите останати состојки и на крај започнете постепено да го додавате брашното. Со рака замесете го тестото. Полнете ги калапите и ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени додека почнат малку да заруменуваат. Кога се печени валајте ги во шеќер во прав помешан со ванилин шеќер.