Во продолжение прочитајте 8 проверени и одлични рецепти за вкусно тоблероне. Овој колач е одличен за слави и различни пригоди, но можете да си го приготвувате и за секој ден. Сите рецепти се лесни и едноставни, а за нивна подготовка нема да изгубите повеќе од 15 минути.
I РЕЦЕПТ и видео презентација на Љубица од Бебина кујна – посно тоблероне. За многумина ова е идеалното чоколадо која полека се топи во устата и во него се ужива. Оригинален рецепт за домашно посно тоблероне, кое е толку вкусно што сите ќе ви бараат рецепт.
Потребни состојки: 150 г шеќер, 2 лажици мед, 100 мл кока кола, 200 г мелени посни кекси, 200 г посно чоколадо, 150 г маргарин, 50 г крупно сечкани пропржени ореви, 50 г пропржен сусам. За глазура: 4 лажици масло, 200 г посно чоколадо
Постапка: Наместо ореви и сусам, по желба можете да ставите лешници или бадеми. Се пропржуваат во сува тава неколку минути додека да замирисаат и се оставаат на страна да изладат. Најпрво е потребно да се растопи чоколадото за глазура, а потоа се приготвуваат и останатите состојки. Чоколадото растопете го на многу тивок оган, на пареа или во микробранова печка.
На пареа чоколадото се растопува на следниот начин: Во тенџере ставете вода да зоврие, па врз него поставете сад во кој ќе го растопите чоколадото на пареа. Искршете го на коцки, додајте малку масло и оставете го да се растопи. Промешајте за да се изедначи.
Во друг сад на оган ставете го путерот/маргаринот на тивок оган, додајте 2 лажици мед, шеќер и чоколадото, па промешајте додека состојките да се растопат и соединат. Додајте ја кока колата и промешајте за да се изедначи. Готовата смеса оставете ја да излади.
За тоа време калапот за тоблероне обложете го со проѕирна фолија и премачкајте го со чоколадната глазура. Почекајте неколку минути, па откако ќе се стегне првиот слој, нанесете и втор слој за да добиете еден подебел слој.
Во подизладена смеса додајте ги оревите, сусамот и мелените кекси, па промешајте добро за да се изедначи смесата. Оставете го филот убаво да се излади за да не се растопи чоколадната глазура која претходно ја нанесовте како надворешен слој.
Потоа рамномерно нанесете ја смесата и калапите оставете ги во фрижидер убаво да се стегнат, најмалку еден час. Потоа извадете ги, отстранете ја фолијата и сечете ги на парчиња. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Црно и бело ТОБЛЕРОНЕ – 2 рецепти за само 20 минути. Одличен вкус, едноставен рецепт, брз, на сите им се допаѓа. Супер рецепт за ситни колачи. Потребни состојки за црно тоблероне: 8 лажици шеќер во прав, 4 жолчки, 250 г путер или маргарин, 100 г црно чоколадо, 100 г крупно сечкани ореви или лешници и 100 г мелени бисквити
Потребни состојки за бело тоблероне: 8 лажици шеќер во прав, 4 жолчки, 250 г путер или маргарин, 100 г бело чоколадо, 100 г сечкани желе бонбони и 100 г мелени бисквити
Постапка: Жолчките и шеќерот добро изматете ги, да добиете густа и светла кремозна смеса, па сварете ги врз пареа. Садот во кој ќе ги матите ставете го врз тенџере со вода која врие. Штом се загрее смесата од жолчки, додајте го путерот исечкан на листови и 100 г чоколадо искршено на коцки.
Мешајте додека сите состојки да се растопат и соединат, а смесата да се изедначи, за што е потребно приближно 15 минути. Потоа, во чоколадната смеса додајте крупно сечкани ореви или лешници за црното тоблероне (за белото сечкани желе бонбони) и 100 г мелени кекси.
Смесата излејте ја во обложен калап со облик на триаголник и оставете да се стегне во фрижидер преку целата ноќ. Следниот ден извадете го од калапот и оставете го малку да се потсуши, па потоа сечете го и послужете го. / Coolinarika.com
III РЕЦЕПТ – Посно тоблероне со сусам и лешници, за 15 минути готово. Фотографија и рецепт на Јелена Павловиќ. Ова тоблероне многу брзо се приготвува (за 15-20 минути), ќе им успее и на оние кои не се многу вешти во кујната, а сепак, ќе добијат превкусно и преубаво чоколадо.
Потребни состојки: 5 супени лажици мед, 50 г шеќер во прав, 65 г маргарин или 1/4 од 1 маргарин, со вкус на ванила, 50 г црно чоколадо, 50 г печени и сечкани лешници, 100 г мелени бисквити, 100 г печен сусам
Постапка: Прво пропржете го сусамот во суво тавче (без масло) и оставете го на страна да излади. Маргаринот, медот, шеќерот и чоколадото растопете ги на тивок оган или на пареа, тргнете го тенџерето на страна па додадете сечкан лешник, сусам и бисквити.
Убаво измешајте сè, па готовата смеса излејте ја во калап за тоблероне (или сами направете со картони), намастен и обложен со проѕирна фолија за полесно вадење од калапот. Оставете да се стегне, па подоцна сечете на триаголници. / Фотографија и рецепт на Јелена Павловиќ
IV РЕЦЕПТ – Бело тоблероне со лешници – сличен на рафаело, но сепак поинаков. За оние кои го сакаат рафаело колачот еве уште еден сличен, со вкус на млеко во прав и лешници. Многу е сличен, а сепак различен.
Нема многу работа како кај бомбиците, сè се меша и се става во триаголен калап, а може да се свитка и како ролат во проѕирна фолија и дополнително да се обликува со валање врз маса. Исто така, може да биде излиен во помал плех, а потоа да се исече на штангли, по желба.
Потребни состојки: 50 мл вода, 150 г шеќер, 150 г млеко во прав, 125 г путер/маргарин, 100 г мелен, блендиран или ситно сечкан, печен лешник
Постапка: Во шеќерот додајте вода и сечкан путер, па ставете сè на оган. Кога ќе проврие намалете го малку огнот и оставете да се вари уште 3 минути. Тргнете од оган па додадете го млекото во прав и измиксајте со претходно подготвен миксер.
Штом започнете да го истурате млекото во прав, веднаш вклучете го миксерот зошто брзо се прават грутчиња, а на овој начин тоа ќе се избегне. Веднаш потоа додајте лешник и повторно сè изматете. Оставете неколку минути да излади. Во калап ставете фолија и истурете ја смесата и со рака израмнете или обликувајте ролат, по желба.
Ако сакате коцки или друг облик со агли, истурете ја смесата во плех за да добиете правоаголен облик, па сечете на штангли. Белото тоблероне не се чува во фрижидер, туку на собна температура. / Coolinarika.com
V РЕЦЕПТ – Феноменално домашно тоблероне за 15 минути. Многу брзо и едноставно! Потребни состојки: 250 г путер или маргарин, 3 јајца, 300 г шеќер, 200 г чоколадо, 2 лажици какао во прав, 100 г пржен сусам, 100 г сечкани, пржени, несолени кикирики, 200 г мелени бисквити, 100 г чоколадо за глазура и неколку капки масло
Постапка: Путерот растопете го на тивок оган. Јајцата изматете ги со шеќерот додека да згуснат и побелат, а шеќерот да се растопи, па додадете ги во путерот. Гответе на тивко додека целосно да се растопи шеќерот, па додајте ги останатите состојки: какаото и чоколадото.
Полека мешајќи додајте ги и кикириките, бисквитите и сусамот кои претходно сте ги измешале заедно во посебен сад. Во калап намастен со неколку капки масло истурете ја топлата смесата. Почекајте да се стврдне, па ставете чоколадна глазура. Сечете на парчиња и послужете со кафенце или чај. / Coolinarika.com
VI РЕЦЕПТ – Направете превкусно бело тоблероне, посен колач кој се приготвува за 10 минути. Фотографија и рецепт на Марија Сербиќ. Колачот може да се приготви во посна и мрсна верзија, во зависност од тоа какво чоколадо ќе користите за негово приготвување. За посна варијанта користете посно соино бело чоколадо кое може да се купи во поголемите маркети.
Потребни состојки: 300 г бело чоколадо, 9 лажици масло или 70 г кокосова маст, 60 г сечкана брусница, 60 г суви кајсии, 60 г суви смокви. Може да се додаде 100 г бадеми или лешници, 30 г суво грозје, лимонова кора…
Постапка: Чоколадото искршете го на коцки, па заедно со маслото загрејте ги на пареа или на многу слаб оган. Мешајте постојано додека да се растопи и да се соедини. Додајте го сечканото суво овошје и промешајте за да се изедначи, па смесата излејте ја во калап. Оставете во фрижидер или на ладно да се стегне околу два часа, па сечете на триаголници. / Фотографија и рецепт на Марија Сербиќ
VII РЕЦЕПТ – Бели триаголници со кикирики – декоративен колач, едноставен за правење, идеален за празници, слави… Фотографија и рецепт на Ранкос. Потребни состојки: 50 мл вода, 200 г шеќер, 200 г млеко во прав, 125 г маргарин/путер, 100 г бело чоколадо и 100 г кикирики (бланширани)
Постапка: Ставете да да се варат водата и шеќерот, од зовривање уште три минути, па додајте го путерот. Кога речиси ќе се истопи, додајте го и чоколадото искршено на коцки. Тргнете од оган и мешајте додека сè да се растопи и соедини. Во смесата додајте го млекото во прав и изматете со миксер.
Потоа додајте ги исечканите кикирики, па убаво промешајте. Добиената смеса ставете ја во калап за тоблероне или сами формирајте ја пирамидата со раце, ако немате калап. Можете да ја ставите и во било каков калап обложен со проѕирна фолија. Оставете во фрижидер преку цела ноќ, па следниот ден сечете ја на парчиња. / Coolinarika.com
VIII РЕЦЕПТ – Тоблероне – нешто многу брзо и едноставно, ќе ги правите повторно и повторно… Потребни состојки: 150 г путер или маргарин, 200 г чоколадо, 2 лажици мед, 200 г шеќер, 100 мл кока кола, 75 г крупно сечкани ореви, 75 г крупно мелени бадеми и 200 г мелени бисквити. За глазура: 100 г чоколадо и 3 лажици масло
Постапка: На тивок оган растопетете го путерот со чоколадото, шеќерот, медот и кока колата. Полека мешајќи сите состојки ќе се соединат и растопат. Во смесата додајте лешници, бадеми и бисквити.
Добиената смеса разлејте ја триаголен калап во кој претходно сте ставиле проѕирна фолија за полесно да се извади колачот од калапот. Калапот ставете го во фрижидер или замрзнувач за да се стегне смесата што побрзо.
Извадете го колачот од фолијата и одозгора прелијте го со чоколадна глазура. Кога и глазурата ќе се стегне, колачот можете да го сечете на тенки триаголничиња. Од оваа смеса ќе добиете два калапи од овој колач, а мојот е со должина од 35 см. / Coolinarika.com