„Еден ден не знаев што да приготвам за вечера, па одлучив да го испробам рецептот на Бојана од каналот „Бокина кујна“. Се прави многу брзо и едноставно и веднаш стана една од нашите омилени салати.

Вчера на гости ни беа наши драги пријатели, па како прилог на главното јадење ја подготвив оваа салата. Тие беа воодушевени од вкусот и ми забележаа дека не требало ништо друго да приготвувам, доволна била само оваа салата, која патем, целата се изеде.




Денес ми се јавија и ми го побараа рецептот, толку многу им се допаднала што сакале да си ја приготват за ручек. Пригответе ја и вие, нема да се покаете од вкусот. Ќе ја правите постојано за секој повод, но и онака без причина. Толку е вкусна, верувајте нема да згрешите.




Салатата од тестенини и јогурт е сочна и има свиленкаст, кремаст вкус, па штом започнете да ја јадете, нема да престанете. Одлична е и како самостоен оброк, се прави брзо, а колку повеќе време отстојува во фрижидер, станува сè повкусна и повкусна“, открива читатрелка на НМД. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г тестенини, 100 г кашкавал исечкан на коцки, 100 г салама, димен врат или по желба, 1 голем варен морков, 6 помали кисели краставички или 3 големи, 1 чашка кисела павлака, 500 мл јогурт, 100 г мајонез.




ПОСТАПКА: Може да користите еден поголем морков или два помали. Исечкајте го ситно и ставете го во тенџере со вода, па варете го 10-тина минути додека да омекне. За тоа време, во посебен сад сварете ги тестенините во солена вода.




Тестенините се готват според упатството на амбалажата, но најдобро е да не ги преварувате. Во меѓувреме, исечкајте го кашкавалот на коцки и ставете го во еден поголем сад. Исечкајте ги киселите краставички на ситни коцки. Може да користите и свежа краставица, но салатата е повкусна со кисели краставички.




Пиперките може да бидат кисели, од туршија, бидајќи даваат единствен вкус. Секако, доколку немате, може да користите и печени или пржени пиперки. Пиперката исто се сечка ситно, по желба. Саламата или некое друго сувомеснато по ваш избор, се сечка ситно на коцки или резанки, па се додава во садот со зеленчук.




Кога морковот ќе се свари, процедете го од водата и ставете го под млаз ладна вода да се излади, па додајте го во садот со другите состојки. Со тестенините се постапува исто, но нив е потребно да ги оставите најмалку 10 минути да се оладат, по процедување на водата.

Врз тестенините наросете неколку капки масло или путер за да не се залепат, а потоа соединете ги со другите состојки. На крај салатата залијте ја со 500 мл јогурт и добро промешајте за да се распореди рамномерно.




Некаде пред самиот крај додајте го мајонезот и малку кисела павлака, може но и не мора, но овие додатоци значително го збогатуваат вкусот. Добро промешајте и вкусете ја салатата, па зачинете ја по вкус. Вака приготвената салата треба да отстои неколку часа во фрижидер пред послужување.




Колку подолго отстои, толку е повкусна и покремаста. Се комбинира со сите јадења, но може да се послужи и како самостоен оброк, бидејќи многу заситува. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.