Постојат навистина огромен број рецепти за штрудли/ролати со мак или мелени ореви, и сите тие се многу вкусни. Меѓутоа, овој рецепт се издвојува од останатите со својот раскошен изглед, поради кој оваа цветна штрудла гордо ќе стои покрај секоја торта.




Потребни состојки за тесто: 500 г брашно, 2-3 јајца + 1 за премачкување, 2 лажици шеќер, 1 лажица сув квасец или 1 коцка свеж квасец (40 г), 70 г путер или маргарин, кора и сок од 1 лимон, 250 мл млеко, малку сол по вкус. За фил: 200 г мелен мак (семе од афион), 100 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, малку времо млеко за натопување




ПОСТАПКА: Во млако млеко разматете го квасецот, додајте шеќер и оставете на топло место да се активира за што му се потребни 10-тина минути. Кога квасецот ќе запени, додајте ги останатите состојки (сите треба да бидат на собна температура).




Потоа со постепено додавање на просеано брашно, замесете убаво мазно тесто кое не се лепи за рака. Покријте го и оставете го на топло место да стасува додека да ја удвои својата величина. Кога тестото забележливо ќе нарасне, преместее го кратко и повторно покријте го за да стаса уште еднаш.




Во меѓувреме пригответе го филот од мак. За да биде нежен, свиленкаст и вкусен, многу е важно правилно да се приготви. Мелениот мак помешајте го со шеќерот и ванилата, па попарете го со врело млеко.




Млекото треба да се додава постепено додека непрекинато се меша со лажицата, внимавајќи смесата да не се разреди премногу. Приготвениот фил оставете го на страна да се олади. Кога тестото ќе стаса по вторпат, со помош на оклагија развлечете не многу тенка кора.




Обилно и рамномерно распоредете го приготвениот фил врз развлечената кора. Филуваното тесто свиткајте го во ролат, малку отсечете ги завршните краеви и свиткајте во прстен (да добиете правилен круг).




Ова најдобро е веднаш да се направи врз хартија за печење, за подоцна да може полесно да се пренесе во плехот/ тепсијата каде ќе се пече. Вака приготвената штрудла оставете ја половина час да „одмори’, односно да стане воздушеста и да стаса.




Потоа земете кујнски ножици или многу остар н ож, па од надворешната страна заскувајте го ролатот во круг на парчиња со широчина од приближно 1,5-2 см, но не до крај. Потоа секое 2-3 парче вртете го кон внатре, како што е прикажано на фотографијата подолу под текстот.




Кога ќе ја завршите целата погача во вид на цвет, земете во еден помал сад изматете јајце и со помош на силиконска четка премачкајте ја целата горна површина од тестото. Вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.




После 15-20 минути стасување, ставете ја штрудлата да се пече во добро загреана рерна. За ова време погачата-штрудла убаво ќе нарасне и парчињата ќе добијат убав облик на цветни латици. Се пече околу половина час, убаво да зарумени. Ако е потребно пред крај одозгора покријте ја со алу-фолија за да не потемни прерано.

Проверете со чепкалка дали во внатрешноста е добро печена – не смее ништо да се залепи кога ќе ја вадите. Штрудлата е готова кога латиците се добро испечени, а внатрешните слоеви се воздушести.