Шести јануари, денот пред големиот Христијански празник, Христовото Рождество, Божик, е секогаш СТРОГ ПОСТ. Што тоа значи?
Јадењата кои сме ги приготвиле, не смеат да содржат масло за јадење. Најдобро е да приготвите посно гравче, на вода, можете да јадете исто така салати, јаткасти плодови, овошје и зеленчук.
Според Православните канони, приготвување на некој посебна бадникова вечера, воопшто не е потребна, дури, за Православниот Христијанин е и контра-продуктивна.
Еве што за бадниковата вечера вели Митрополитот Струмички Наум:
“…ако знаеме дека главната цел при дочекот на Рождеството Христово ни е причестувањето со Светите Тајни Христови, тогаш од трпезата веднаш отпаѓа рибата и сѐ што е подготвено на масло (зејтин).
За други мрсни работи и да не спомнувам – секој знае дека пред Причест се пости. Така, ако главен ориентир при секој дочек на некој црковен празник ни е причестувањето со Телото и Крвта Христови, тогаш нема да згрешиме при решавањето на вакви недоумици.
Ви говорам за основни работи; инаку, бадниковата вечера му е потполно туѓа на црковниот живот – ќе ви објаснам дополнително, но сега само едно ќе ви кажам: извадете го лепчето со паричката од бадниковата вечера, како магиски и суеверен чин – што во суштина и е, и ќе се изгуби и смислата и погрешната традиција на бадниковата вечера.”
Сите вие, кои сте подготвени за причест, доколку во изминатите четириесет дена постевте, сте се исповедале и имате Благослов од духовник за причест, со евентуалната баникова вечера, на која ќе вртите лебче со париче, ќе јадете риба и ќе пиете вино, само ќе си го расипете постот и утре на големиот празник, нема да смеете да се причестите!
Петар Попоски