Со шаренолик изглед и многу пријатен вкус, брзо се приготвува, кога и да ви се пријаде. Јас ја правам и за родендени, но и секојдневно. Уште поубаво изгледа кога се пече во некој калап со разнолик облик. Како мерка се користи онаа јогуртна пластична чаша од 180-200 мл или обична чаша за вода.
За приготвување ќе ви бидат потребни следните состојки: 4 јајца, ½ чаша масло, 1 чаша пченкарно брашно, 1 чаша обично бело брашно, 1 чаша јогурт, 200 г сечкана салама било каква (јас имам измешано од две по малку), 100 г фета сирење, 100 г ситно сирење или какво сакате..
Потоа ќе ви бидат потребни 3 кисели краставички, 2-3 кисели пиперки (ако немате може и обични, за поинетресен изглед користете црвени, жолти), 1 кесичка прашок за печиви и сол по вкус. Постапка: Краставичките ситно исечкјате ги, а пиперките прво исчистете ги до семките, а потоа и нив прво исечете ги на ленти, а потоа на коцки.
Исто така и салатама исечкајте ја на ситни коцки. Во подлабок сад скршете ги јајцата и со жица за матење пенасто изматете ги. Додадете една чаша јогурт, бело брашно, пченкарно брашно, половина чаша масло и убаво промешајте. Мешајте додека да се изедначат состојките.
Малку посолете и вкусете да проверите дали е потребно да додадете уште малку сол (ова најмногу зависи од сирењето, и секако по личен вкус). Кога ќе се разбијат грутчињата, во смесата додадете го ситното сирење и сè што претходно ситно исечкавте (краставичките, пиперките и саламата), па убаво промешајте да се изедначи смесата.
На крај додадете го фета сирењето и прашокот за печиво. Прашокот за печиво секогаш додавајте го на крај. Нежно промешајте за да останат и покрупни парчиња сирење и добиената смеса излејте ја во калапи за мафини или тепсија/плех добро намастена или обложена со хартија за печење.
Под хартијата сепак е подобро малку да се намасти плехот за таа да може убаво да се залипи. Откако ќе ја излеете смесата, рамномерно распоредете, израмнете и малку протресете го плехот. Ставете да се пече во добро загреана рерна на 200 степени околу 20 минути.
Кога питата убаво да зарумени, готова е. Печената пита оставете малку да се олади, а потоа извадете ја од плехот, отстранете ја хартијата и пресечете ја на парчиња (мали или големи) и послужете ја. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Еве уште еден рецепт – Посна шпанска пита со тајна состојка, ќе ви бараат рецепт и оние што не постат. Рецепт и видео презентација на Валентина Машковиќ – Посна царска-шпанска пита. Поздрав драги пријатели, еве еден рецепт кој добро ќе ви дојде на сите што постите и со задоволство ќе го приготвувате.
Се разликува од стандардната царска или шпанска пита и според мене многу е повкусна иако не содржи ниту јајца ниту млеко. Затоа, не го пропуштајте овој рецепт, без разлика дали постите или не. Потребни состојки: 500 мл газирана вода и 200 мл масло.
Од суви состојки ќе ви бидат потребни: 2 лажички сол, 2 филџани за кафе пченкарно брашно, 1 филџан пченично брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 3 филџани варен ориз, 5 кисели краставички, 3 кисели пиперки, 2 кисели моркови, зачини по свој вкус, 2-3 полни лажици лутеница или ајвар или зеленчукова зимница.
Постапка: Киселите краставички, пиперките и морковите исечкајте ги на ситни коцкички. Во подлабок сад ставете две чаши минерална/газирана вода (500 мл), потоа додадете една чаша масло, 2 рамни лажички сол, 2 полни филџани за кафе пченкарно брашно и 1 филџан бело брашно.
Добро изматете со маталка за да се соединат и изедначат состојките, па додадете и една кесичка прашок за печиво. Во смесата која ќе ја добиете (а треба да биде погуста од онаа за палачинки), додавајте ги по пред сечканите состојки: краставички, морковите, пиперките (не ги цедете од течностите).
Во оваа смеса додадете и 2-3 полни лажици лутеница или некоја зеленчукова салата од зимница која ви се наоѓа по дома. Промешајте добро за да се изедначат состојките и додадете го претходно варениот ориз. Вака приготвената смеса излејте ја во плех претходно намастен и наросен со брашно.
Рамномерно распоредете и израмнете. Рерната загрејте ја на 200 степени, ставете ја питата да се пече околу 30-35 минути или во зависност од вашата рерна (прверете со чепкалка). Кога е печена питата малку се одвојува од страните. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.