Баба ми на времето имаше своја слаткарница која постојано ги привлекуваше муштериите со нејзините невообичаени, но многу вкусни рецепти. Се сеќавам дека постојано одев кај неа во слаткарницата после училиште и јадев разни колачиња, на кои до ден денес им го паметам вкусот. Баба ми сега има 60 години и понекогаш по нарачка или на некои пријатели им подготвува поголема количина на колачи, наменети за разни прослави.




Нејзиниот најбаран рецепт беше колачот кој се сече како ѕвезда. Секое парче личи помалку на баклава, а вкусот е неверојатен. Се топи во уста како ниеден друг колач и многу е сочен. Овој колач се прави многу едноставно и лесно, буквално за 5 минути ќе ја замесите смесата и после ќе го испечете колачот и ќе го прелиете со сируп. Со задоволство ви го претставувам најубавиот рецепт на баба ми. Еве што ви е потребно:

ПРВ РЕЦЕПТ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 јајце, 1 чаша млеко (200 мл), 1 чаша масло (200 мл), 1 кесичка прашок за печиво, 1 чаша скроб (густин), 1 чаша ореви, 2,5 чаши брашно. ЗА ШЕРБЕТ: 3 чаши шеќер, 2,5 чаши вода. Како мерка се користи чаша од 200 мл.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 2 јајца, 4 шолјички (за кафе) масло, 6 шолјички млеко, 3 шолјички гриз, 5 шолјички брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер, 100 г мелени ореви, 100 г суво грозје. ЗА ШЕРБЕТ: 900-1000 г шеќер, 1 литар вода, лимон (сок или сечени тркалца). И УШТЕ: 100 г ореви за декорација. Како мерка се користи шолја за кафе.

ВТОР РЕЦЕПТ




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во еден подлабок сад скршете едно јајце на собна температура и разматете го со жица/маталка. Додајте 1 чаша млако млеко (кое исто треба да биде на собна температура), па додајте иста количина на масло. Промешајте ги состојките до соединување., па започнете да ги додавате сувите состојки.




Додајте 1 кесичка прашок за печиво и 1 чаша скроб (густин), па повторно сѐ промешајте рачно. Постепено започнете да го додавате брашното, на неколку наврати додека постојано матите со кујнската жица. По додавање на брашното (вкупно 2,5 чаши), содржината ќе почне да се згуснува, како да месите тесто. Преминете на соединување на тестото со раце додека сѐ да се соедини.




Тестото треба да биде меко и можеби малку ќе биде лепливо. На крајот додајте 1 чаша мелени ореви (може и многу ситно сечкани) и повторно домесете сѐ заедно. Оревите ќе придонесат тестото да не се лепи.

Откога ќе го замесите, префрлете го во огноотпорен и намастен сад со дијаметар од 30 см и развлечете го со раце по целата должина на садот. Исечете го тестото на половина од двете страни, да добиете четвртини, а потоа исечете го како според сликата, така што ќе добие изглед на ѕвезда.




Ставете го тестото да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени додека да порумени и да добие златна боја (отприлика 20-25 минути, а може и пократко, во зависност од рерната). Во меѓувреме подгответе го шербетот така што на рингла ќе ја зовриете водата заедно со шеќерот и ќе варите 2 минути. Шербетот прелијте го преку целосно оладениот колач и наросете го со ореви.




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Јајцата добро изматете ги со миксер додека да побелат и згуснат. Додајте го шеќерот и матете додека да се растопи, па додајте масло, млеко и сите останати состојки. Добро соединетата смеса излејте ја во намастен плех со димензии 30х40 см и ставете да се пече во загреана рерна на 180-200 степени околу половина час.




Шербетот се вари околу 15-30 минути на тивко-умерен оган, а пред крајот му се додава сок од лимон или лимон исечен на тркалца. Ладниот колач прелијте го со млак шербет, никако врел, одозгора богато наросете го со ореви и оставете добро да излади 24 часа, па дури тогаш послужете го.

Најдобро е да се чува во фрижидер, кога колачот е добро изладен има супер вкус. Можеби на почетокот ќе ви изгледа дека има премногу шербет, но колачот сè впива и треба да биде доста сочен. Деталите за првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ.