Секоја домаќинка треба да ги знае овие рецепти за пирошки, особено кога се нема многу време за готвење. Можат да се послужат како предјадење или главно јадење, а убаво одговараат и со тартар или некој друг сос по ваш вкус.




Запишете си го рецептот за овие брзи пирошки со сирење и пченкарно брашно (првиот рецепт). Многу се вкусни, однадвор крцкави, а одвнатре меки, не впиваат масло, а покрај тоа многу брзо се приготвуваат. Во продолжение прочитајте уште неколку брзи рецепти:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г пченкарно брашно, 400 г пченично брашно, 100 мл млака вода, 150 мл јогурт на собна температура, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сол, 10 г прашок за печиво, 1/3 коцка свеж квасец (околу 15 г), 200 г сирење било кое (кравјо, тврдо), 2 јајца, 200-300 мл масло за пржење.




ПОСТАПКА: Ако сакате да го скратите времето за приготвување, пред да започнете со замесувањето на состојките, вклучете ја рерната да се загрева на 50 степени. Промешајте ги двете брашна, додајте прашок за печиво и сол, па изедначете. Во 100 мл млака вода додајте лажичка шеќер и издробете го квасецот.




Промешајте за да се раствори добро квасецот. Потоа додајте две јајца, 150 мл јогурт на собна температура и 200 г ситно издробено сирење. Добро промешајте за да се изедначи смесата, а потоа постепено додавајте го брашното, додека постојано мешате со лажицата.




Потоа додајте го преостанатото тесто и домесете го рачно. Не е потребно долго да се меси тестото, туку додека почне да се одвојува од ѕидовите на садот. Потоа тестото покријте го со крпа и ставете го во загреаната рерна на 50 степени или на топло место, да стасува 15-20 минути.

Намастете ја со масло работната површина на која ќе го развлечете тестото. Тестото не треба да се премесува после стасувањето. Само префрлете го од садот каде стасувало врз работната површина, па со намастена дланка малку притиснете го, а потоа со оклагија развлечете го во кора со дебелина 1,5-2 см со правоаголна форма.




Сечете ленти со широчина од 2-2,5 см и должина по желба. Маслото загрејте го, па на умерен оган пржете ги пирошките додека убаво да заруменат од двете страни. Пржените прирошки вадете ги на хартиена салветка. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ, во продолжение прочитајте уште два рецепти:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 400 г брашно, 500 г сирење, 1 прашок за печиво, сол по вкус, масло за пржење. ЗА ФИЛ: 150 г шунка, 150 г сирење. ПОСТАПКА: Во поголем сад измешајте го прашокот за печиво со брашното, потоа додајте три јајца и на крај додајте ситно сирење или фета сирење изгмечено со виљушка.

Ако сирењето не е солено, додајте сол по вкус. Во спротивно нема потреба. Полека замесете ги сите состојки со рака. На почетокот можеби ќе ви се чини дека тестото е тврдо, но колку подолго го месите тестото ќе видите дека е сосем меко, убаво и компактно.

За ова тесто нема потреба ни 5 минути да се чека да стасува. Истресете го тестото на набрашнета работна површина и малку премесете го за да не се лепи. Поделете го на два еднакви делови за полесно да се развлечува.




Пред да започнете со развлекувањето, вклучете ја ринглата на 4 од 6, односно маслото да се загрее на средна температура. Кората развлечете ја со средна дебелина (половина прст), па пресечете ја на ленти. Филувајте со сирење и шунка или по желба, а вкусни се “клот”, без ништо. Свиткајте ги со преклопување за да се затворат.




Пржете ги во загреано длабоко масло, на умерена температура. Превртувајте ги неколку пати. Потребни се околу 5 минути за да се испржат. И третиот рецепт:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг брашно сенаменско, 1 свеж квасец, 1 голема лажица рамна сол, 500 мл млеко и додадете по потреба, 100 мл масло. ЗА ФИЛ: 500 г сирење, 125 г маргарин, 1 лажица рамна сол. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 1 кисела павлака од 200 мл, 2 јајца.

ПОСТАПКА: Замесете тесто, оставете 20 минути да се надигне, развлечете го во вид на правоаголник и премачкајте со половина фил, преклопете па ставете ја втората половина од филот, повторно преклопете и развлечете кора со дебелина од 1 см.

Сечете по должина како стапчиња, увртувајте ги малку и редете ги во намастена тепсија или обложена со хартија за печење. Оставете уште малку да се дигнат, па одозгора премачкајте ги со:

-одвојте од филот 3 лажици па на смесата додајте 1 кисела павлака, 2 цели јајца и малку сол. Ставете да се печат на 180 степени околу 30-40 минути.

За да ви биде полесно, можете тестото да го поделите на 4 дела, па секој дел посебно да го развлекувате како правоаголник, да го премачкате со сирење, да го превиткате двапати, па така превиткано да биде 10 см.

Уште малку со оклагијата притиснете, сечете со широчина од околу 1,5 -2 см, полесно и сите ќе ви бидат со иста величина. Од оваа количина се добиваат две големи тепсии. / Сoolinarika.com