Овој рецепт го зедов од другарка ми, која редовно ги подготвувала мрлизите питички на најразлични начини. Неодамна бев кај неа на гости и таа ги имаше послужено како главно јадење, а како прилог имаше уште 2 кремасти салати. Многу ми се допаднаа и веднаш ѝ го побарав рецептот. Таа ми рече дека се готови за кратко време, сѐ на сѐ поминувала половина час во кујната сосе чистење.




Решив и јас да ги направам пред некој ден, па за појадок му ги спремив на син ми кој сите ги изеде во едно седнување, толку многу му се допаднаа. Отсега редовно ги подготвувам и навистина сум задоволна од овој рецепт, не сум направила ништо полесно од ова. Покрај тоа, овие питички содржат и јајца, малку сувомеснато и затоа многу заситуваат. Еве што ви е потребно за да ги направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 мл кефир, 1 јајце, 3/4 лажичка сол, 200-220 г брашно, 1 лажичка сода бикарбона, 1 лажица масло, 100 г чадени колбаси или друго сувомеснато, 2 варени јајца, 100 г моцарела или некој друг кашкавал по ваш вкус, 30 г ситно сечкан млад кромид, 30 г магдонос и малку масло за пропржување.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад излејте го кефирот, скршете 1 јајце, 3/4 лажичка сол и измешајте енергично со жица/маталка. Постепено започнете да го додавате брашното, измешано со 1 мала лажица сода бикарбона. Кога ќе го соедините брашното, треба да добиете мазна и густа смеса, која треба да биде хомогена и да нема грутчиња од брашното, затоа се додава постепено.




Додајте го маслото, па соединете и изрендајте го на најкрупната страна од рендето димениот колбас, па додајте го во смесата. Две јајца сварете ги претходно неколку минути, па оставете да се оладат и изрендајте ги на крупно, па додајте ги и нив во смесата. Изрендајте го кашкавалот и соединете ги сите состојки во еднолична смеса.




На крајот се додава ситно сечканото младо кромитче со ситно сечканиот магдонос, се додаваат во смесата и се соединува. Смесата е подготвена за пржење. Во филот наместо колбаси може да додадете и изрендана шунка или некое друго сувомеснато по ваш вкус. Јас нареден пат ќе пробам со варено пилешко, мислам дека ќе биде многу вкусно.




Исто така, во филот може да се додаде ситно сечкан кромид или малку кисели краставички. Ставете го она што ви е вкусно и што може да го најдете во кујната. Вака подготвената смеса излејте ја во еден готварски шприц или поголема кеса која ќе ја пресечете на врвот, за обликување на питичките. Питичките може да ги правите со големина по ваша желба, јас најчесто ги правам пократки, но подебели.




Во едно тавче загрејте малку масло и потоа со готватскиот шприц спуштајте малку од смесата. Секојпат ми излегуваат различен број на питички, во зависност од величината, но обично пржам по пет или шест одеднаш. Се пржат многу кратко, по 2 минути од страна, така што вкупно 4 минути за пржење, а подготовката на смесата исто така одзема многу кратко време.




По пржењето, питичките ги ставам на рамна чинија со хартија за да се исцедат од вишокот масло, иако не впиваат премногу масло. Кога малку ќе се оладат, ги послужувам топли. Доколку немате готварски шприц, може да ги правите и како плескавици и да ги обликувате помеѓу две лажици, па да ги спуштате во тавчето. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.