За изразот „на седмо небо„ сите сме слушнале – значи да се биде вон себе од среќа и задоволство. Седмо небо е супер кремаст колач кој може да ви даде такво чувство! Има повеќе варијанти за овој колач, но мене овој рецепт ми е омилен.
Потребни состојки:
1 лист обланда
4 јајца
180 г шеќер
100 г ореви
За крем:
200 г путер/маргарин
1 жолчка
150 г шеќер во прав
4 лажици сварено силно кафе (изладено)
За глазура:
200 г чокоалдо за готвење
4 лажици масло
Постапка:
Одвојте ги жолчките од белките.
Белките изматете ги во цврст снег, а жолчките пенесто изматете ги со шеќер и на крај полека со лажица додадете ореви и снегот од белките.
Приготвената смеса излејте ја врз обландата поставена на дно од плехот за печење. Печете на 180 степени околу 25-30 минути.
Крем: пенесто изматете го путерот со шеќер, додадете ја жолчката и вареното кафе.
Премачкајте ја изладената кора.
Внимавајте кората да не биде препечена или пресува, бидејќи во таков случај кремот ќе се одвојува од кората и колачот нема да биде компактен.
Чоколадна глазура: чоколадото растопете го на пареа со 4 лажици масло. Изладете малку па прелијте го колачот одозгора.