Едноставно и многу пристапно јадење за сите. Овој оброк докажува дека јадењето може да биде вкусно и без месо. Моцарелата на крај сама ја додадов и изменив малку од рецептот, го обогатив старинското јадење.
Може да ставите и обичен кашкавал, домашен, но подеднакво е вкусно и ако ги изоставите млечните производи. Сè зависи од вашиот вкус. Може да ставите и нешто по ваш избор од фрижидер. Љубителите на месо може да додадат некое сувомеснато, па така да си го прилагодите вкусот на питата.
Навистина има многу комбинации на додавање и одземање состојки, но воглавно, основата на питата е многу вкусна и се прави од неколку едноставни состојки. Еве што ви е потребно за да ја направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 тиквички со средна величина до 1 кг, 1 кг компир (може и повеќе), 1 главица црвен кромид, 1 црвена пиперка, 1 китка магдонос, 4 јајца, 1 чаша брашно (200 мл), 1,5 лажичка сол, 1 кесичка прашок за печиво, 150 мл масло, 250 г моцарела или некој друг кашкавал по ваш избор.
ПОСТАПКА: Тиквичките излупете ги од лушпата доколку е стара и цврста кората. Младите тиквички не мора да ги лупите. Потоа изрендајте ги тиквичките на ренде, па истото направете го и со компирите.
Тиквичките ги ставам во посебен сад за да се исцедат од течностите, а компирите во друг. Потоа рендан една главица црвен кромид (може и бел, но со црвен е повкусно) и го додавам во изренданите компири.
Настрана во еден поголем сад изматете 3 јајца, додајте 150 мл масло, 1 лажичка сол (или уште половина), црн пипер, 1 кесичка прашок за печиво и на крај се додава брапшното. Сите состојки соединете ги со жица за матење.
Исечкајте ситно 1 китка магдонос, па додајте ја во смесата со јајца. Потребно ќе ви биде и 1 црвена пиперка која исто е потребно да ја исечкате на ленти, па на ситно и да ја додадете во смесата. Пиперката се додава во смесата со јајца.
Компирот исцедете го од водата и додајте го во смесата со останати состојки заедно со кромидидот. Истото повторете го со тиквичките, добро исцедете ги и додајте во садот со други состојки. Добро измешајте до соединување додека да измешаат состојките подеднакво.
Во еден огноотпорен сад обложете хартија за печење и малку намастетете со обично или маслиново масло. Излејте ја смесата за пита и добро распоредете ја, па одозгора рамно израмнете. По желба одозгора ставете кашкавал или сирење, јас ставив крупно сечкана моцарела.
Питата се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 50 минути до 1 час. Потоа питата се чека малку да олади, па се сече на коцки и се послужува. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.