Можете да јадете вкусен и крцкав чипс, но без да го пржите компирот во длабоко масло. Ова е нов начин, кој сигурна сум дека ќе ви се допадне, затоа што компирот е повкусен и поздрав кога ќе се приготви со овој рецепт. Потребни ви се само 3 состојки:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 компири (420 г), 28 г несолен путер (2 супени лажици), 1/4 лажичка сол. ПОСТАПКА: Компирите измијте ги под млаз ладна вода, излупете ги, а потоа исечете ги на коцки со големина на залак.
Исечениот компир ставете го во тенџере, прелијте го со вода (да се прекрие еден прст над компирот), па ставете да се вари околу 15-20 минути додека да омекне, но не смее да се превари.
Сварениот компир процедете го од вишокот вода, па посолете го и додека сè уште е топол додајте го путерот исечен на помали ленти. Со помош на преса за компири испасирајте го компирот додека да добиете пире без грутчиња.
За да добие уште покремаста и нежна структура пирето ставете го во метална цедалка и поминете го како низ преса. Секако, овој чекор може и да се прескокне доколку немате доволно време, компирот секако ќе излезе многу вкусен.
На овој начин се постигнува кремаста структура каква што ја има тестото замесено со фино сомелено брашно. Добиената смеса наполнете ја во готварски шприц за да вадите убави топчиња. И овој чекор можете да го прескокнете, а топчињата да ги вадите со помош на две лажички.
Врз плех обложен со хартија за печење со помош на шприцот вадете ги декоративните мали топчиња со големина на залак. Кога ќе го исполните сиот плех, загрејте ја рерната на 170 степени, па ставете да се печат околу 40-45 минути.
СОВЕТ: Кога ќе започнат да заруменуваат, вашите компирчиња се готови. Колку се порумени, толку ќе бидат и покрцкави. Ако користите рерна со вентилатор, тогаш печете ги на 160 степени околу 35-40 минути, во зависност од типот на рерната. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.