ЗИМНИЦА ЗА ДЕТОКСИКАЦИЈА: Мелен домат со праз, го зајакнува организмот и се препорачува за овој период. Рецепт на Лета од каналот Летина Кујна. Многу вкусна витаминска салата која ќе ве наполни со витамини, а покрај тоа ќе ви го зајакне имунитетот.




Салатата се подготвува многу лесно и едноставно, а покрај тоа содржи изобилство од витамини. Ќе ви претставиме два начина на подготовка на оваа салата, а вие одберете кој ќе го направите.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 кг домати, 1 стебленце целер, 4 супени лажици сол, 1 супена лажица шеќер, 3 стебленца праз. Ова е првиот начин, а ќе ви бидат потребни околу 7 мали тегли или 3-4 големи од 1 литар.




ПОСТАПКА: Добро измијте го зеленчукот или оставете го да отстои во вода со сода бикарбона. Започнете да го сечете секој домат на половина, со тоа што ќе ја вадите срцевината, а доколку има некои точки на него, пресечете ги и нив.




Потоа секоја половина се дели на уште 2-3 мали коцкички. Доматите ставете ги во блендер и блендирајте се додека да добиете фин доматен сос. Доколку кожичките ви сметаат, слободно извадете ги, но јас не го правам тоа бидејќи и тие се сомелуваат во блендерот.




Доматниот сос се прелива во поголемо тенџере. Јас користам 3 кг домати, но може да ставите и повеќе, па според тоа посолувате по вкус. Ринглата се вклучува на средна температура. Кај мене најмногу е 6, а јас ја вклучив ринглата нешто измеѓу 4 и 5.




По 10 минути варење на доматниот сос, ќе забележите дека започнала да се појавува пена, која мора да ја отстраните. Потоа додајте ги листовите целер и малку промешајте. Важно е постојано да ја отстранувате пената.




По 20 минути готвење, додајте 3 супени лажици сол и 1 супена лажица шеќер, па малку промешајте. По 35 минути варење, со лажица се вади целерот. Доколку пената сте ја собирале во посебен сад, низ цедалка прелијте ја во тенџерето, да не го фрлате доматниот сос кој се собрал во пената.




Се остава да вари уште 10 минути, а во меѓувреме добро измиениот праз исечкајте го ситно. Исто така, за ова време пастеризирајте ги теглите во рерна на 100 степени. Потоа, тргнете го тенџерето од рингла па додајте уште 1 лажица сол и 1 лажица шеќер, доколку има потреба.




Покрај тоа, шеќерот е конзерванс и ја намалува киселоста на доматот. Празот префрлете го во тенџерето со доматот и промешајте. Потоа со помош на инка, наполнете ги врелите тегли до врвот и добро затворете. Се чува на темно и суво место и има рок на траење до 1 година.




Вториот начин е без готвење, а вака се задржуваат повеќето хранливи материи. Едноставно само добро исчистете го и исечете го доматот, па сомелете го во блендер. Посолете, додајте магдоносов лист, промешајте и посолете по вкус, па прелијте во тегли.

Теглите се ставаат во тенџере, па се прелива со вода и се вари до вриење, но водата не треба да стигнува до капакот. Потоа, се оставаат да се изладат па се складираат на темно и суво место. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.