Ако немате многу време да подготвувате ручек, овој рецепт е за вас, баш заради тоа што се подготвува за многу кратко време. Со макароните можат да се подготват многу вкусови, а овој рецепт за сос го открив неодамна кога децата ми побараа да направам нешто поразлично.
Рецептот е многу флексибилен и можете да додавате или да одземате состојки. На пример, наместо јогурт може да користите неутрална павлака, можете да додадете кашкавал или некое сувомеснато итн. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 л вода, 400 г макарони или некои други тестенини, масло, путер, 2 лажици пире од домати или доматен сос, 4 јајца, магдонос, 100 мл јогурт или неутрална павлака, зачини.
ПОСТАПКА: Во едно поголемо тенџере ставете 1,5 литар вода и додајте 1 полна лажица сол. Промешајте и почекајте водата да зоврие. Потоа ставете ги макароните или некои други тестенини и варете според упатството на кесичката. Конкретно, јас ги варев макароните 10 минути.
Имајте предвид дека макароните ќе се варат дополнително во сосот, така што не треба да бидат преварени во водата. Во тавче ставете 2 лажици масло и 1 лажица путер да се растопи и малку маслото да се загрее.
Додајте 2 лажици доматно пире и размешајте ги во сосот. Тука имате опција да додадете ситно сечкано лукче и да оставите да крчка во сосот. Потоа зачинете со црвена лута пиперка, сол, црн пипер, босилек…
Измешајте го сосот и додајте 4 јајца и веднаш соединете ги во сосот. Потоа можете да ги додадете макароните кои сте ги свариле и целата смеса да ја прелиете со јогурт и неутрална павлака. По желба наросете кашкавал и измешајте го во смесата.
Јогуртот ќе даде свежина на целиот ручек, а некои практикуваат на овој начин да го подготват сосот заедно со макароните и да стават на печење за кашкавалот да фати коричка одозгора. Деталите од целата постапка можете да ги погледете во видеото ОВДЕ.