Ова е едно од моите омилени јадења, а честопати го приготвувам во двојна мера, зашто колку и да направам, секогаш сè се изедува, до последното парче. Имам неколку верзии на рецептот, па се надевам ќе ви се допадне.

Многу брзо се приготвува, а има одличен вкус. Ова се еден вид „уштипци“ со ситно сечкано пилешко месо. Еве што ви е потребно:

рецепт 1

РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

1 мала главица кромид,
1 чешне лук,
1 јајце,
1 мала лажичка сол,
700 г бело пилешко месо (филе),
1 супена лажица густ јогурт или кисела павлака,
малку мајчина душичка за вкус, црн пипер по вкус,
2 супени лажици брашно,
маслиново масло

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 пилешко филе, 1 супена лажица мајонез, 1 јајце, 2 супени лажици рендан кашкавал, 1 супена лажица скроб/нишесте/густин, 100 г шампињони, 1/2 страк праз (белиот дел), 1 лажица ситно сечкан магдонос, 1 мала лажичка сол, црн пипер и сув зачин (вегета) по вкус, масло за пржење

ПОСТАПКА за рецепт 1: исчистете го кромидот и исечете го на покрупни коцки, па ставете го во блендер. Додајте едно чешне лук, 1 јајце и малку сол, па изблендирајте ги состојките додека да добиете изедначена, хомогена смеса.

Пилешкото месо исечкјате го на мали коцкички, колку што можете поситно. Ставете го во подлабок сад, додајте една супена лажица јогурт или кисела павлака и малку мајчина душичка или зачински билки по ваш вкус.

Додајте ја претходно изматената смеса од кромид и јајце, зачинете со црн пипер и додајте две супени лажици брашно. Убаво промешајте за да се соединат сите состојки и да нема суви грутчиња од брашното.

Смесата треба да биде компактна. Црпете со лажица и спуштајте во загреано масло на умерена температура.

Уштипците пржете ги по 3 минути од секоја страна, додека убаво да заруменат, а потоа вадете ги врз хартиена салфетка. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:

ПОСТАПКА за рецепт 2: измијте го месото, исушете го со хартиена салфетка и исечете го на помали коцкички. Печурките исчистете ги и исечете ги на помали листови, па испржете ги на малку масло додека да омекнат и да испари течноста, па тргнете ги настрана да се оладат.

Празот исчистете го, измијте го и исечете го поситно. Месото измешајте го со мајонезот, јајцето, густинот, ренданиот кашкавал и зачините (по вкус). Додајте ги пржените и оладени печурки, сечканиот праз и магдонос. Добро промешајте и смесата оставете ја најмалку 1 час во фрижидер.

Загрејте масло во тава на умерена температура, па со лажица црпете од смесата и пржете ги од двете страни по неколку минути додека да заруменат. Вадете ги врз чинија обложена со хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија. Послужете ги топли. / Сооlinarika.соm