Ова е еден вид на пита со готови кори, но многу е заситно и вкусно, па се приготвува како главно јадење или како прилог на јадењето. Кај нас дома се приготвува често и редовно го послужуваме како закуска.




Постапката за приготвување е навистина многу лесна и едноставна. Веројатно многумина првпат гледаат вакво нешто иако станува збор за еден старински рецепт. Лесно се памти, а на крај добивате пита со облик на саќе од пчели. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г готови кори за пита. За фил: 1.5 компир, 2-3 супени лажици кисела павлака или кајмак, 1 мала главица ситно сечкан кромид, сол, црн пипер и сува зачинска мешавина по вкус. За прелив: 400 мл врела вода, а потоа 200 мл неутрална павлака за готвење или млеко помешано со кисела павлака




ПОСТАПКА: Компитите излупете ги и измијте ги добро, залијте ги со врела вода, посолете со една лажичка сол и сварете ги додека да омекнат. Потоа испасирајте ги добро додека да добиете пире.




Во компирите додајте зачини по вкус, а потоа додајте ја киселата павлака или кајмакот и мешајте додека да се инкорпорира. Кајмакот дава особено убав вкус, но доколку немате во моментот, ставете кисела павлака.




На крај додајте ситно исечкан кромид и промешајте додека пирето убаво да се изедначи. Филот е спремен, па тргнете го настрана. Врз работната површина отворете ги корите за пита. Можете и сами да развлечете тенки кори, но вака е многу побрзо.




Исечете ги корите на квадрати. Бидејќи на пазарот постојат кори со различна големина, оценете сами како ќе ги пресечете. Јас моите ги исеков на 9 квадрати (3х3). Во средината од секој квадрат ставете по една неполна лажица фил од компир пирето.




Затворете ја кората и спакувајте ја како перничне. Редете ги во намастена тепсија едно до друго. Кога ќе ја исполните тепсијата со „перничиња“, со силиконска четка премачкјате ги одозгора со малку масло, па ставете да се печат во загреана рерна на 250 степени, 25-30 минути.




Печењето прилагодете го според вашата рерна. Штом зарумени питата одозгора, извадете ја тепсијата од рерна и додека е врела залијте ја со исто така, врела вода. Мене ми беше потребно приближно 400 мл вода.

Оставете неколку минути за да се впие водата и да испари вишокот, па одозгора рамномерно залијте ја со павлака или млеко помешано со кисела павлака или растопен путер/кајмак. Послужете топла или ладна, подеднакво е вкусно. Деталите погледнете ги ОВДЕ.