Пробајте го овој домашен ролат со пудинг според рецепт од старите книги за готвење и ќе бидете пријатно изненадени. Мек, сунѓерест пандишпан, вкусен бабински крем во неодолива комбинација – тоа е она што го очекуваат сите каприциозни гости, верувајте ми! Еве го рецептот за сунѓерестиот ролат филуван со кремот од баба:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КРЕМ: 500 мл свежо млеко, 1 жолчка од јајце, 8 г ванилин шеќер (1 кесичка), 4 лажици шеќер, 3 лажици пченкарен скроб, 40 г бело чоколадо. За тестото: 3 јајца, 100 г шеќер, 100 мл масло, 100 мл свежо млеко, 10 лажици брашно, 12 г прашок за пециво (1 кесичка), кора од 1 органски лимон, џем по вкус, шеќер во прав за наросување.




ПОСТАПКА: Прво подгответе го кремот за да има време да се олади. Истурете го млекото во тенџере, додајте ја жолчката, ванилиниот шеќер и 4 лажици шеќер. Убаво промешајте, па додајте 4 лажици пченкарен скроб/густин/нишесте и добро изматете со жица за матење додека се изедначи смесата и да нема грутчиња.




Ставете го тенџерето на шпорет и вклучете ја ринглата на умерена температура. Варете го кремот на тивок оган со постојано мешање, бидејќи лесно може да загори. Кога ќе згусне кремот, во него додајте го чоколадото, претходно искршено на коцки.




Мешајте додека да се растопи и да се инкорпорира. Добиениот фил претурете го во друг сад за полесно да се олади и повремено промешувајте го за да не фати коричка (или покријте го со проѕирна фолија).




Додека се лади кремот, пригответе го тестото за кора. Во еден сад изматете три јајца и додајте го шеќерот. Промешајте со жицата за матење, па додајте масло, млеко и уште еднаш добро промешајте за да се изедначат состојките.




На крај додајте го брашното помешано со прашокот за печиво, најдобро претходно да бидат просеани низ сито. Треба да добиете конзистентна смеса без грутчиња. На крајот, додајте рендана кора од органски лимон и сокот кој ќе го добиете од тој лимон.




Обложете плех со големина од 30 x 40 см со хартија за печење. Истурете го тестото одозгора и рамномерно распоредете го. Печете во загреана рерна на 200°C околу 20 минути. Откако ќе го извадите од рерната, оставете да отстои 5 минути, а потоа свиткајте го тестото како ролна со помош на хартијата за печење.




Завиткано во ролат, оставете го тестото да отстои 10 минути и потоа внимателно и полека отстранете ја хартијата за печење. Потоа премачкајте го ролатот со џем, преку целата површина на кората.




На крај, рамномерно распоредете го кремот одозгора, израмнете и повторно свиткајте ја ролната. Ставете да се лади и да се стегне во фрижидер 2 часа, а за тоа време кората уште повеќе ќе омекне и ќе се соедини со вкусниот крем.




Ролатот пред послужување, наросете го со шеќер во прав, исечете го на парчиња со дебелина од 1,5-2 см и сервирајте. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.