Спектакуларен десерт кој се приготвува од неколку состојки, а истите ги имате во кујна. Верувајте дека штом еднаш ќе го направите, ќе посакате веднаш да го повторите рецептот и да направите нов ролат.
Кората на ролатот може да ја премачкувате со фил/чоколаден крем/пудинг, а во продолжение може да ја прочитате варијантата на Силвана за крем кој е ладен и има вкус на сладолед со вкус на ванила и карамела, еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРА: 6 јајца, 1 ванилин шеќер, 6 лажици шеќер, 1 лажица какао, 6 лажици брашно. ЗА КРЕМОТ: 250 мл бело вино, 1 ванилин шеќер, 100 г шеќер, 50 мл вода, 20 г желатин, 500 мл течен шлаг, 2 жолчки.
ПОСТАПКА: Одвојте ги белките од жолчките. Во садот со белки додајте 1 кесичка ванилин шеќер и 6 лажици обичен шеќер. Изматете пенасто додека шеќерот да се растопи и да се зголеми волуменот на изматените белки.
Потоа преминете на подготвување на сирупот кој ќе ви биде потребен подоцна за кремот: 250 мл бело вино ставете да се зготви на умерена температура, потоа додајте 1 кесичка ванилин шеќер и 100 г обичен шеќер. Промешајте додека шеќерот да се растопи, а пред да се карамелизира и виното да почне да врие, тргнете го тенџерето од рингла и оставете да се олади.
Една по една жолчка започнете да додавате во смесата од белки додека непрекинато мешате со миксерот. Додајте 1 лажица какао и 6 лажици брашно. На крајот треба да добиете еднолична смеса, без грутчиња.
Вака подготвената смеса излејте ја во обложен плех со хартија за печење и ставете да се испече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 15 минути. Во меѓувреме во 50 мл вода додајте 20 г желатин, измешајте и оставете да остои 10 минути.
Настрана измешајте течен шлаг пенасто и во него додајте 2 жолчки кои убаво ќе ги разматите. Во оваа смеса додајте го отстојаниот желатин и сирупот кој првично го подготвивте. Соединете во течен, мазен и едноличен крем.
Кога бисквитот ќе го испечете, веднаш префрлете го на мокра крпа и завиткајте во ролат. Потоа оставете целосно да се олади, па премачкајте го со белиот крем. Завиткајте во ролат и ставате во замрзнувач за да се стегне преку ноќ. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.