Ако немате идеја што да приготвите за утрешниот ручек, еве два одлични рецепти за вкусно јадење. Ролат од тиквички кој може да се приготви на два различни начини, а истите можете да ги послужите самостојно или да ги сервирате како предјадење за некоја пригода. Прочитајте ги двата рецепти, многу се вкусни и декоративни.
РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 4 лажици масло, 2 лажици кисела павлака, 1 тиквичка, 2 лажички сол, 1 лажичка црн пипер, 3 лажици брашно, 200 г кисела павлака, 100 г, тврдо сирење, магдонос и шунка
ПОСТАПКА: Во еден сад разматете ги јајцата, потоа додајте масло, кисела павлака, изрендана тиквичка и исцедена од вода, сол, црн пипер и брашно. Добиената смеса излејте ја во плех обложен со хартија за печење, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути.
Испечената кора префрлете ја врз хартија, свиткајте во ролат и оставете да се лади. Во еден сад ставете кисела павлака, рендан кашкавал или сирење и ситно сечкан магдонос (или сув). Убаво промешајте за да се изедначат состојките, па рамномерно распоредете врз кората. Одозгора наредете тенки листови од шунка.
Повторно свиткајте го ролатот и оставете го во фрижидер еден час добро да се олади за подобро да се сече. Деталите од постапката на приготвувањето можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Еве што ви е потребно за вториот рецепт:
РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 4 лажици обичен јогурт, 2 лажици брашно, 3 лажици пченкарно брашно, 1 лажичка прашок за печиво, 3 лажици масло, 2 помали тиквички вкупно 500 г, 1 лажичка сол, ½ лажичка оригано, по желба и ќе ви биде потребен плех со димензии приближно 33х33 см или поголем плех од рерна за потенка кора.
За фил: 200 г неутрално сирење или сирен намаз, малку ситно сечкан свеж магдонос или перца од млад кромид или копар (по желба) и 100 г сувомеснато по ваш избор (шунка исечена на тенки ленти, а може и кашкавал
ПОСТАПКА: Во еден сад изматете четири јајца со жица за матење. Додајте 4 лажици јогурт (или кисело млеко), 2 лажици бело брашно, 3 лажици пченкарно брашно и 1 лажичка прашок за печиво (5 г). На крај додајте 3 лажици масло и убаво промешајте за да се соединат состојките.
Садот тргнете го настрана да одмори, а за тоа време пригответе ги тиквичките. Ако се млади и органски тогаш не мора да ги лупите, во спротивно излупете ги и изрендајте ги. Двете тиквички заедно треба да тежат приближно половина килограм.
Ренданите тиквички додајте ги во смесата со изматените јајца. Измешајте убаво за да се соедини смесата, па зачинете со 1 лажичка сол и малку оригано по желба. Треба да добиете смеса која не е премногу густа, ниту течна.
Плех со димензии од приближно 33х33 см малку намастете го и обложете го со хартија за печење, па во него рамномерно распоредете ја смесата. Може да користите и поголем плех, но тогаш ќе добиете потенка кора.
Ставете да се пече во загреана рерна на 220 степени, 15 минути. Печената и врела кора префрлете ја врз влажна крпа сосе хартијата, свиткајте ролат и оставете го така 5 минути, додека го приготвите филот.
За фил: Измешајте 200 г неутрално сирење или сирен намаз, додајте малку сечкан свеж магдонос по желба и соединете. Премачкајте ја кората врз цела површина (може да се нанесе филот додека кората е млака), одозгора наредете сечкани ленти шунка или сувомеснато по ваш избор.
Свиткајте го ролатот и можете веднаш да го послужите или да го оставите во фрижидер малку да се стегне (полесно се сече). Ролатот е многу вкусен, одличен за предјадење или закуска.