Десертот е погоден за било кој дел од денот, за било која пригода. Вкусен е, брз и лесен. На трпезата послужете ги овие два ролати со обланда, првиот рецепт е за штангли со џем, ореви и бисквити, а вториот рецепт е ролат од обланда со крем банани. Рецептите на Валентина се исклучително многу лесни и брзи за подготвување. Еве што ви е потребно:




ПРВ РЕЦЕПТ – ШТАНГЛИ СО ГРИЛИЈАШ (гријаж): 600 г шеќер, 6 лажици џем од кајсии или 500 г, 250 г маргарин или путер, 300 г ситно сечкани ореви, 200 г мелени бисквити, 2 листови обланди. ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Ставете тава за пржење на тивок оган и ставете 600 г шеќер да се растопи.




Откако ќе се стопи шеќерот, додајте 6 лажици џем од кајсии и 250 г маргарин или путер. Исклучете ја ринглата и полека мешајте, додека смесата да се соедини. По мешањето повторно вклучете ја ринглата на најниска температура, па со повремено мешање соединете во еднолична и течна смеса.




Додајте 300 г ситно сечкани ореви и 200 г мелени бисквити или плазма. Исклучете ја ринглата и повторно измашајте до соединување. На еден лист обланда распоредете го целиот фил. Откако ќе го направите тоа, покријте ја смесата со уште вториот лист и полека притиснете за убаво да се залепи.




Ставете обландите да отстојат во фрижидер или на ладно место околу 2-3 часа, или најдобро преку цела вечер. За поубаво да се залепат, одозгора ставете некој тежок предмет, како на пример 2 пакувања млеко. По ладењето, исечете ги обландите на тенки штангли и послужете.




ВТОР РЕЦЕПТ – РОЛАТ СО ОРЕВИ, БИСКВИТИ И КРЕМ БАНАНИ: 2 листови обланди, 200 мл млеко, 200 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 250 г маргарин или путер, 200 г мелени ореви, 200 г мелени бисквити или плазма, 8 крем банани.




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Во тава за пржење ставете 200 мл млеко, две кесички ванилин шеќер и 200 г шеќер. На тивок оган оставете го шеќерот да се растопи. Откако ќе се стопи шеќерот, додајте 250 г маргарин или путер и оставете и тој да се стопи, со повремено мешање.




Исклучете ја ринглата и додајте 200 г мелени ореви и 200 г мелени бисквити. Измешајте го филот и оставете го малку да се олади. По 5 минути, на двата листови обланда обложете по половина од филот, како и претходно. Од страните на листовите наредете неколку крем банани вертикално, по должина и завиткајте го листот како ролат, со помош на влажна крпа, за обландите да не се скршат.




Истото направете го и со вториот ролат. Оставете ги ролатите неколку минути на собна температура за да се исушат обландите, а потоа ставете ги во фрижидер, па послужете ги на помали ролати. Деталите од целата постапка за двата рецепти може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.