Овој ролат е многу вкусен и се прави многу едноставно. Изгледа многу елегантен и се прави 1 ден пред Нова година за завршување слатко на старата година и почнување на убави почетоци во новата година.
Во некои традиции се слави и последниот ден пред Нова година и луѓето танцуваат, јадат убави јадења, пијат убави пијалаци и ги гледаат прекрасните искри од огномет на небото. Старата година се завршува со благодарност за сите работи кои ви се случиле. Во продолжение прочитајте еден многу вкусен рецепт за непечен чоко ролат од неколку состојки:
Потребни состојки за тесто: 350 г бисквити, 3-4 големи лажици незасладено какао, 30 г растопен путер, 250 мл млеко. За фил: 250 мл блага хопла, 120 г крем сирење (може Филаделфија). За огледало глазура: 140 мл вода, 180 г шеќер, 120 мл хопла, 60 г какао, 8 г агар агар (желатин) или 4 листови желатин.
Постапка: Прво се замесува кора-тесто кое не се пече. Сомелете ги бисквитите и во нив додајте го незасладеното какао. Додајте растопен путер и измешајте ги состојките. Започнете постепено да го додавате млекото додека го замесувате тестото со раце.
Кората се става на хартија за печење и се развлекува со оклагија тенко во правоаголник. На нерамните страни пресечете со нож за да добиете права линија од правоаголник и онаму каде што фали од тесто додајте од пресеченото.
Кога ќе го подготвите тестото, започнете да го подготвувате шлаг-филот. Изматете со миксер благата хопла со крем сирењето во цврст шлаг. Малку од шлагот тргнете настрана, а другиот дел премачкајте го врз кората. Завиткајте и стегнете го добро ролатот во хартијата за печење и подгответе ја огледало глазурата.
Сварете 140 мл вода со шеќерот. Додајте ја хоплата, какаото и добро измешајте. Оставете на рингла додека да зоврие чоколадото, а по желба може да додадете и 1 лажичка јаворов сируп за уште поголема блажина.
Желатинот измешајте го со малку вода и после додајте го во малку оладеното чоколадо. Ќе добиете огледало глазура која се премачкува на крајот. Во шлагот кој претходно го тргнавте настрана додајте малку какао, промешајте, па со него премачкајте го ролатот.
Ставете го ролатот да се стегне 1 час во фрижидер, а потоа ставете го на решетка и прелијте го со огледало глазурата. Се остава уште малку на решетката да се исцеди и малку да се стегне, а потоа се декорира по желба и се послужува. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.