Кога немате идеја што ново да приготвите за прилог со некое месо или салата и кога мислите дека сите можни идеи се исцрпени – секогаш има ново изненадување. Плескавиците од стар леб, се наменети за сите гурмански јадења бидејќи се одличен прилог кој се подготвува за кратко време. Фото и рецепт на Том Филос.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г стар леб, 500 мл млеко, 5 јајца, 300 г рендан кашкавал или сирење (по ваш избор) и масло за пржење. Во продолжение може да прочитате уште еден многу вкусен рецепт за полнети гурмански плескавици на кои не може да одолеете.
ПОСТАПКА: Лебот издробете го подлабок сад или изечкајте го на коцки, па полијте со млеко за убаво за да се натопи лебот. Млекото се дотура постепено, по потреба, во зависност од тоа колку лебот ќе впие.
Лебот се меси со рака, да се добие смеса како тесто. Во оваа смеса се додаваат јајцата кои треба да бидат приближно пропорционални на количината тесто од леб, значи ако имате 5 помали јајца, според тоа ставете 6, или 4 големи. Јајцата треба да бидат разматени со виљушка пред да се додадат во смесата.
Измешајте со виљушка за да се соединат јајцата со лебот. Потоа додајте ситно издробено сирење (кое најчесто се користи за пити) или рендан кашкавал (по ваш избор). По потреба посолете, може и да додавате и семиња како сусам, црн ким, ленено семе, даваат дополнителен збогатен вкус. Може да додадете и ситно сечкан магдонос.
Тавата со масло се загрева прво на најсилно, па потоа се намалува на умерена температура, па со лажица се вадат плескавици и се пржат во загреаното масло. Се пржат од двете страни додека да добијат убава златна боја.
Пржените плескавици вадете ги врз хартиена салветка за да се исцеди вишокот маснотија. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Не пропуштајте го ни вториот рецепт:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 морков, 3-4 компири, 100 мл неутрална павлака, 1 голема лажица кечап или доматен сос, 30 мл вода, 600 г мелено месо (по ваш избор), масло за пржење, сол, црвен и црн пипер, младо кромитче (опционално).
ПОСТАПКА: Морковот најпpво излупете го, па изрендајте го на тенки листови на најголемата страна од рендето. Компирите добро измијте ги и исчеткајте ги со сода бикарбона за да излезе скробот, па оставете да се исушат на крпа пред да ги подготвувате.
Излупете ги компирите, а потоа изрендајте ги и ставете ги во садот со рендан морков. Посолете со прстофат сол, измешајте и оставете смесата да отстои 15 минути додека ја подготвите основата за млечниот сос.
Во 100 мл неутрална павлака (хопла) ставете 1 лажичка кечап или доматен сос и посолете по вкус. Додајте 30 мл вода и измешајте ги состојките до соединивање на смесата. Покрај тоа, ренданиот морков и компир ќе почнат да ги испуштаат своите сокови по одредено време, така што со рака исцедете ги добро и префрлете ги во друг сад.
Во вториот сад додајте го и меленото месо. Може да користите телешко, јунешко или мешано по ваша желба. Зачинете со сол, црн и црвен пипер и убаво измешајте ги состојките додека ренданите парчиња од морковот и компирот да се инкорпорираат во месото.
Започнете да формирате ќофтиња со големина по ваша желба, не треба да бидат преголеми, средна величина од 2-3 залаци. Ќофтињата треба да бидат шарени од ренданиот морков и компир, а како што ќе ги формирате редете ги на чинија или дрвена даска. Приближно треба да бидат иста големина и форма.
Кога ќе го потрошите целото месо и ќе формирате ќофтиња, ставете ги да се пржат во загреано масло на умерен оган по 2-3 минути од страна додека да заруменат. После ова, можете да ги извадите од тавчето за да се исцедат од маслото, а во меѓувреме на тавчето со четкичка да премачкате со уште малку масло.
После ова вратете ги ќофтињата во тавчето и одозгора прелијте ги со млечниот сос. Во меѓувреме, исечкајте младо кромитче, а можете да замените и со ситно сечкан магдонос кој треба да го наросите врз ќофтињата кои се крчкаат под капак.
Како што ќе ги вадите ќофтињата од тавчето, веднаш послужувајте ги бидејќи се превкусни. Не ви е потребен гарнир како компир или пире бидејќи самите плескавици содржат рендан компир и морков кој е доста заситен. Може да се послужите со една вкусна зелена, освежителна салата. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.