Кога се мислите што да им направите за послужување на ненајавените гости, овие два рецепти се многу едноставни и се подготвуваат од минимални намирници, кои веројатно постојано ги имате во домот. Единствената разлика во двата рецепти е што во првиот бананите се блендираат заедно со останатите состојки, а во вториот рецепт се ставаат цели плодови, сечкани на кругови.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 5 банани (400 г), 100 г путер, 200 г шеќер во прав, 150 г кокос, 250 г мелени бисквити, 3 лажици какао (30 г), 150 мл слатка павлака, 100 г темно чоколадо.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 3 банани, 200 г чоколадни какао бисквити, 1 литар млеко, пудинг прашок со вкус на ванила, 8 лажици какао, 8 лажици шеќер, 3 лажици пченкарен скроб, 100 г путер, какао по желба или нешто друго за наросување.
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Излупените банани исечкајте ги на помали парчиња и ставете ги во блендер заедно со 100 г путер, претходно омекнат на собна температура и додајте 200 г шеќер во прав. Блендирајте додека состојките да се соединат во фина, мазна, хомогена смеса.
Потоа, во смесата додајте 150 г кокосово брашно и повторно изблендирајте убаво да се соедини. На крајот, додајте ги мелените бисквити (плазма или било кој бисквит по ваш избор). Блендирајте додека целата смеса да стане мазна и со конзистенција на влажен песок.
Префрлете половина од смесата во друг сад, а во остатокот додајте го какаото и промешајте со рачна маталка. На овој начин добивате темен, чоколаден слој. Земете еден долгнавест калап и обложете го со најлонска фолија. Внимателно распоредете ја смесата рамномерно, добро притиснете и израмнете.
Нанесете го темниот, чоколаден слој врз неа и измазнете го. Покријте со фолија и оставете ја тортата да се излади околу половина час. Превртете го колачот врз чинија за сервирање, така што светлиот дел да биде одозгора.
Во тенџере на оган, загрејте 150 мл слатка павлака и 100 г темно чоколадо скршено на коцки. Мешајте додека да се растопи и соедини (не треба да зоврие), па прелијте како глазура врз колачот и оставете уште малку да се олади во фрижидер. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Зрелите банани се лупат, па се сечат на кругови. Се редат во плех со флексибилен обрач (по можност со дијаметар од 22 см), обложен со најлонска фолија. Во подлабок сад се додава пудинг-прашокот со вкус на ванила, какаото, шеќерот и пченкарниот скроб и се промешува со рачна маталка.
Во меѓувреме во тенџере се загрева млекото, а откога ќе зоврие се додава мешавината од суви состојки и се меша додека да се формира чоколаден прелив. По соединување, тенџерето се трга од оган и се додава путерот, па се меша со рачна маталка додека да се растопи во смесата. Чоколадниот крем се прелива врз бананите, околу 2/3, а преостанатата третина се сочувува за подоцна.
Преливот добро се измазнува па врз него се редат какао бисквитите, скршени или цели по ваша желба. На крајот се премачкува со преостанатата 1/3 од кремот и повторно добро се измазнува. Тортата се става да отстои во фрижидер минимум 1 час за добро да се стврдне.
По изминатото време, тортата се префрла со долната страна да биде сега одозгора во поголем рамен сад или десертна чинија, а потоа се вади проѕирната фолија. Се наросува со засладено какао или нешто друго по желба, а потоа се послужува. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.