Фото и рецепт: Љубичинка

Рецептот го доби мајка ми од пријателка од Турција. Мама постојано го приготвува дома, а сега и јас на моето семејство. Може да се послужи како прилог на некое месо, совршен е.

Потребни состојки:

За мерка се користи шолја од 150 мл
2 коцки путер (вкупно околу 20 г)
½ шолја фиде (тестенини за супа, облик по ваша желба)
2 шолји ориз
4 шолји вода
сол по вкус

Постапка:

Оризот истребете го од камчиња и друга нечистотија, измијте го под млаз ладна вода. Исперете го во неколку води, додека да добиете чиста, проѕирна вода.

Во тенџере во кое ќе се вари оризот, ставете коцки путер (една коцка околу 10 г). Оставете ги да се растопат. Потоа додадете го фидето (тестенините за супа).

Пржете ги со постојано мешање додека да добијат убава кафеавкаста боичка. Потоа додадете го исцедениот ориз, па пржете го уште 1-2 минути.

Додадете вода и посолете. Оставете го тенџерето отворено додека да започне да врие. Штом зоврие, намалете ја температурата (кај мене од 6 на 2) и поклопете со капак.

Не смеете да го отворате капакот во следните 15-20 минути. Правиот пилав не се меша, само тенџерето се протресува и тоа е доволно.

Водата треба да испари. Се вари додека да се добие само ориз.

Оставете го оризот малку да подизлади, па послужете го како прилог или како самостојно јадење.