Ако многу сакате ѓевречиња како мене, подгответе си ги според овој рецепт кој се нема променето во изминатите 50 години. Кога работев во една локална пекарница, сите ги бараа и само овие ѓевречиња ги купуваа. Тестото се подготвува многу лесно, а ѓевречињата имаат тенка коричка одозгора, а однатре се многу меки, како памук. Сите што ги пробале ги пофалиле и сега го раздавам рецептот, за сите да си го имаат.




Ѓевречињата немаат многу месење и чекање, затоа овој рецепт си го нарекувам флексибилен. Може да ги послужите како појадок или вечера, а однатре може да ги наполните со сирење или од околу да навртите тенко сечкано парче сланина. Како и да ги подготвите нема да погрешите. Ова подолу е оригиналниот рецепт. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1,5 чаши топла вода (300 мл), 4 лажици шеќер (50 г), половина пакување свеж квасец (21 г), половина чаша масло (45 мл), 1 јајце (се двои белката од жолчката), 5,5 чаши универзално брашно (600 г), 1,5 лажички сол (10 г), сусам/црн ким за наросување на ѓевречињата и уште малку масло за подмачкување.




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во еден сад ставете 300 мл топла вода, 2 лажици шеќер и издробете 21 г свеж квасец. Промешајте убаво додека да се растворат шеќерот и квасецот и оставете ја смесата 2-3 минути, додека квасецот да се активира. Прелијте со 45 мл масло, промешајте, па потоа во еден сад издвојте ја жолчката од јајцето, а белката додајте ја во состојките за тестото.




Содинете ги состојките додека да се формира мазна смеса, па започнете да го додавате брашното на неколку наврати. Вкупно ќе ви биде потребно 600 г брашно, измешано со 10 г сол. Промешајте убаво со лажица додека да се формира компактна смеса. Месете го неколку минути со лажицата, па кога брашното ќе се соедини со останатите состојките, префрлете го на набрашнета работна површина.




Убаво измесете го додека да стане еластично и да престане да се лепи помеѓу вашите прсти. За тоа е потребно да го месите 8-10 минути со надворешните страни кон средината. По потреба додавајте си масло. Измесеното тесто тргнете го од рамната подлога и намастете ја масата, па повторно ставете го тестото и малку развлечете го со рацете додека да се издолжи. Оставете го да отстои 2-3 минути, додека малку да се надигне.




Во една чинија ставете си малку масло за премачкување, во друг сад изматете ја претходно издвоената жолчка, а во трет сад истурете го сусамот/црниот ким/црн сусам. Тестото поделете го на 13-14 еднакви делови, а од секое формирајте топче. Секое топче редете го во подмачкан плех, може и да ги споите како за погача. Оставете ги покриени 30-тина минути, а потоа едно по едно формирајте ги во ѓевречиња.




Земете едно топче (а другите нека останат покриени за да не се сушат), па со дланките развлечете го во долг и тенок круг, колку што можете повеќе. Тенкото тесто завиткајте го во тенок валјак (со големина на фурнаринки) и тргнете го настрана, да одмора тестото. Во меѓувреме подгответе ги и останатите теста на истиот начин. Пред формирање на валјакот, сите теста премачкувајте ги со малку масло.




Тенките валјачиња малку растегнете ги, секое посебно, извртете ги спирално, така што ќе ги држите двата краеви, па формирајте во мал прстен, така што ќе ги споите краевите. Вака формираните ѓевречиња редете ги во плех обложен со хартија за печење и премачкајте ги со малку масло, па покријте ги со крпа и оставете ги да стасуваат 20-тина минути.




Јас обично печам по 6-7 ѓевречиња во еден плех, што значи дека ги печам на двапати, бидејќи не сакам да се прилепат при печењето. Премачкајте ги ѓевречињата со изматената жолчка, а одозгора наросете ги со семки по желба. Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути додека да заруменат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.