Фото и рецепт: Милена Ѓурѓевиќ, видео прилог на Моја Мала Кујна – Реформ торта

Според величината на тортата која сакате да ја направите, сразмерно ги зголемувате јајцата и останатите состојки. Тортата се прави во тркалезен калап, но најлесно за сечење и послужување е доколку се приготви со правоаголна форма а корите се печат во плех.

За плех со средна величина: Се прават 4 кори од 5 белки кои се матат со 5 лажици шеќер, па со лажица со додаваат и мешаат 8 лажици ореви. Секоја кора се пече на 180 степени околу 20 минути. Може да испечете и две кори од по 10 белки, па да ги пресечете на половина и да добиете четири.

За фил: 20 жолчки се матат со миксер заедно со 400 г шеќер и се варат на пареа додека да згуснат. Се трга од оган и се додава 300 г чоколадо и се меша убаво да се соедини. Кога ќе излади се соединува со 300 г пенасто изматен путер.

РЕЦЕПТ ОД ВИДЕО ПРИЛОГ СО 12 ЈАЈЦА

Потребни состојки:

12 белки
250 г шеќер
300 г мелени ореви

за фил:

12 жолчки
150 г шеќер
150 г чоколадо за готвење
200 г путер
арома рум или рум

за чоколадна глазура:

150 г чоколадо за готвење
60 г путер
и околу 100 г ореви за декорација

Постапка:

Белките пенасто изматете ги со шеќерот додека да добиете цврст снег. Додадете 300 г мелени ореви и лесно промешајте со лажица за да остане воздушесто. Смесата поделете ја на два еднакви делови (за да испечете две големи кори кои подоцна ќе ги пресечете и ќе добиете 4 кори).

Корите печете во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути во плех 35х30 см или приближно.

За фил: пенасто изматете ги жолчките со шеќерот, па сварете ги на пареа околу 20 минути. Додека е топол кремот додадете искршено чоколадо и мешајте додека целосно да се изедначи смесата. Оставете да излади, па додадете омекнат путер и заедно измиксајте ги за да се соединат. По желба додадете рум за вкус.

Филувајте ги корите, а одозгора прелијте со чоколадна глазура или украсете по желба. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видео прилогот: